
„Неделата на гордоста“ започна во Белград
„Неделата на гордоста“ започна денес во централниот градски парк во Белград, јави „Радио Слободна Европа“.
Препорачано
Поради безбедносни причини, организаторите најавија дека овогодинешната Парада на гордоста ќе се одржи низ центарот на Белград, но по различна рута од минатогодишната. Во минатото учесниците во „Парадата“ маршираа низ центарот на српската престолнина по улици кои сега ќе ги доведат покрај таканаречениот шаторски камп „Ќациленд“, каде што поддржувачите на власта кампуваат со месеци.
Претставничката на Младинската иницијатива за човекови права (YIHR), Софија Тодоровиќ, на новинарите им изјави дека организаторите и полицијата одлучиле да ја променат рутата поради, како што рече „нелегалните кампови“ пред државните институции. „Ќациленд“ се наоѓа во паркот помеѓу зградата на српското Претседателство и Парламентот.
Парадата на гордоста ќе започне од паркот „Мањеж“ во центарот на Белград во 14:00 часот во сабота и ќе се движи по кружна рута покрај Правниот факултет на Белградскиот универзитет (каде што парадата ќе застане за да им оддаде почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад со 16 минути молчење, а учесниците ќе се движат до седиштето на српската влада и назад.
Организаторите рекоа дека овогодинешната парада на гордоста претставува протестна прошетка низ улиците на главниот град.