Трамп царини ЕPA-EFE/FRANCIS CHUNG / POOL

Не стивнуваат реакциите по тарифите на Трамп: Не сакаме трговска војна, но доколку треба, ќе возвратиме

Неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе царините и другите нетарифни бариери врз блиските сојузници на САД, вклучително и Европската Унија, која се соочува со царини од 20 отсто, не стивнуваат реакциите од светските политичари на ваквиот потег на американскиот државен врв.

Европските лидери реагираа со огорченост, посочувајќи дека трговската војна ќе им наштети на потрошувачите и нема да има корист ниту една од страните.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која важи за блиска до американскиот претседател Трамп, во средата изјави дека царините наметнати од неговата администрација се „погрешни“ и нема да им користат на САД.

„Ќе направиме сè што можеме за да работиме на договор со Соединетите Држави, со цел да се избегне трговска војна која неизбежно ќе го ослабне Западот во корист на другите светски играчи“, рече таа на Фејсбук.

Во секој случај, додаде таа, како и секогаш, ќе дејствуваме во интерес на Италија и нејзината економија, соработувајќи и со другите европски партнери.

Полскиот премиер Доналд Туск објави на Икс дека пријателството значи партнерство, а партнерството значи навистина и вистински реципрочни царини. Затоа според Туск потребни се соодветни одлуки.

Ирскиот премиер Мајкл Мартин пак изрази длабоко жалење за вечерашната одлука на САД да воведат царини од 20 отсто на увозот од целата Европска Унија.

„Цврсто верувам дека царините никому не му користат. Мојот приоритет и приоритет на владата е да ги заштитам ирските работни места и ирската економија“.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон рече дека не сакаат поголеми трговски бариери.

Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен рече во соопштение дека не може да разбере дека САД сакаат да започнат трговска војна против Европа.

„Никој не е победник, сите губат. Наместо да градиме ѕидови, треба да ги уриваме бариерите. Европа ќе остане обединета. Европа ќе даде силни и пропорционални одговори“, рече тој.

Царините на Доналд Трамп не ја бранат фер трговијата, туку ја напаѓаат од страв и штета од двете страни на Атлантикот. Европа е обединета, подготвена да ги брани своите интереси и отворена за искрени, цврсти разговори“, рече Манфред Вебер, претседател на Групата на Европската народна партија (ЕПП), најголемата партија во Европскиот парламент.

Швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер изјави дека Федералниот совет брзо ќе ги одреди следните чекори.

„Долгорочните економски интереси на земјата се најважни. Посветеноста на меѓународното право и слободната трговија остануваат основни вредности“, нагласи таа.

Новиот канадски премиер Марк Карни тврди дека Трамп „зачувал голем број важни елементи“ на комерцијалните односи меѓу Канада и Соединетите Држави.

„Но, царините за фентанил остануваат на сила, како и царините за челик и алуминиум. Ќе се бориме против овие царини со контрамерки, ќе ги заштитиме нашите работници и ќе изградиме најсилна економија во Г7“, рече тој.

Карни, исто така, оцени дека реципрочните царини на Трамп „фундаментално ќе го променат меѓународниот трговски систем“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот