
Не се поднесува оставка во влада што нема мандат
Со самиот чин на престанок на мандатот на оваа влада како колективен орган, престанаа и функциите на нејзиниот претседател и на членовите на Владата. Тие се вршители на должности. Уставната неспоивост не се однесува на влада чијшто мандат престанал да постои, како што е случајот со техничката влада на премиерот Талат Џафери, вели Јетон Шасивари, професор по уставно право
Уставната неспоивост на функции не се однесува на влада чиј мандат престанал да постои, тврди Јетон Шасивари, професор по уставно право, по бурните реакции на експерти, на јавноста и на Антикорупциската комисија дека техничкиот премиер Талат Џафери и дел министри треба веднаш да заминат од премиерската и министерската функција поради неспоивост со пратеничката функција, бидејќи Собранието веќе им ги верификувало пратеничките мандат. Шасивари се повикува на член 93 став 5 од Уставот и објаснува дека Владата останува на должност, но не и на функција до изборот на нова влада, при што основна цел на уставотворецот е да се обезбеди редовно и непречено функционирање на државата до изборот на нова влада, односно да се спречи каков било уставен јаз, блокада и неизвесност од престанокот на мандатот на старата и изборот на новата политичка влада.
Препорачано
– Уставната неспоивост на функциите не се однесува на влада чијшто мандат престанал да постои. Клучно е прашањето што се случи со мандатот на Владата од денот на конституирањето на новиот 11-ти собраниски состав на 28 мај? Со самиот чин на конституирање на новиот собраниски состав, престана мандатот на претходниот собраниски состав, а со тоа престана и мандатот на Владата, бидејќи мандатот на Владата трае до истекот на мандатот на претходниот собраниски состав, тој што ја избрал Владата. Со самиот чин на престанок на мандатот на оваа влада како колективен орган, престанаа и функциите на претседателот и на членовите на Владата. Тие не се носители и вршители на функции, туку вршители на должности. Уставната неспоивост не се однесува на влада чијшто мандат престанал да постои како што сега е случајот со техничката влада на премиерот Талат Џафери, туку се однесува на новата политичка влада која со нов мандат и со целосен уставен капацитет и овластувања ќе биде избрана од новиот собраниски состав – вели Шасивари.
Шасивари: Техничка влада врши само тековни работи
Тој објаснува дека станува збор за влада што во уставната теорија и практика се нарекува техничка влада, која врши само тековни работи, обезбедувајќи техничко функционирање на владата и нема целосен уставен капацитет и овластувања.

Членот 93 од Уставот пишува дека Владата има право да постави прашање за доверба пред Собранието. Владата има право да поднесе оставка. Оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот кога Собранието се распушта. Владата на која ѝ е изгласана недоверба, која поднела оставка или на која мандатот и престанал поради распуштање на Собранието, останува на должност до изборот на нова влада.
– Во досегашната парламентарна практика Собранието секогаш доследно ја применувало одредбата од член 93, став 5 од Уставот, кој за ваква ситуација пропишува дека Владата останува на должност, а не на функција до изборот на нова влада, при што основна цел на уставотворецот е да се обезбеди редовно и непречено функционирање на државата до изборот на нова влада, односно да се спречи било каков уставен јаз, блокада и неизвесност од престанокот на мандатот на старата и изборот на новата политичка влада – вели Шасивари.
Како потврда на ова, професорот потсетува дека таков случај имало кога во 1998 година премиерот Бранко Црвенковски бил избран за пратеник, а неговата техничка влада и тој како премиер останале на должност до изборот на владата на премиерот Љубчо Георгиевски. Иста ситуација има и кога во 2006 година премиерот Владо Бучковски бил избран за пратеник. И тогаш неговата техничка влада со него како премиер останале на должност до изборот на новата влада на премиерот Никола Груевски. Истото се однесува и на премиерите Емил Димитриев и Оливер Спасовски, кои во 2016 и 2020 година биле избрани за пратеници, а нивните влади со нив како технички премиери останале на должност до изборот на новите влади на премиерот Зоран Заев. Од ова произлегува дека не е првпат премиерот во заминување кој е избран за пратеник да остане премиер до изборот на новата влада.

Бучковски не се сеќава дали земал премиерска или пратеничка плата
Експремиерот Бучковски за „Слободен печат“ вели:
– Јас од 30 јули 2006 година до 26 август 2006 година бев пратеник и премиер во заминување. На 27 август имав примопредавање на функцијата со тогашниот премиер Никола Груевски. Изборите беа на 5 јули 2006 година – вели Бучковски и додава дека не може да се сети дали како премиер во заминување, зел плата како премиер или како пратеник.
Според ова, Џафери и да поднесе оставка денеска, останува премиер во заминување до изборот на новата влада или, како што вели Шасивари, или народски кажано – не се поднесува оставка на влада која што нема мандат! И тоа е уставната одредба од членот 93.
Професорот објаснува дека тоа така се применувало секогаш во парламентарната практика. Дел експерти како решение нудат дека ваквата ситуација ќе се надмине по укинувањето на Пржинската влада, но Шасивари повторува дека тоа се случувало и пред да се воведе институтот Пржинска влада и ги наведува ситуациите со Црвенковски и со Бучковски во чие време не постоела Пржинската влада.
– Имаме примери од практиката. Црвенковски и Бучковски биле политички премиери, не Пржински. Уставната одредба се однесува на сите. Ова е уставно транзициско решение уште од осамостојувањето на државата од 1991 година. Уставната одредба е оттогаш и досега не е изменета и целта на уставотворецот е да се оневозможи уставен јаз од моментот на престанок на мандатот на старата и избор на новата влада.
Плата само од една институција
Според професорот, сите примери додека технички ја вршат премиерската должност тие би требало да земаат плата од Владата, односно да земат плата само од една институција. И Спасовски не се сеќава од која институција земал плата, но вели дека во тој период примил една плата.

Антикорупциска веќе реагираше дека не може едновремено функционерите да бидат и министри, премиер и пратеници. Комисијата побара Собранието итно да постапи со функционерите што седат во две фотелји. Според Антикорупциска, со оваа постапка функционерите го изигруваат целиот правен систем, поделбата на власта на законодавна и извршна, а постојат и ризици од мешање и влијание во работата на институциите. Од Комисијата укажуваат дека освен во Уставот, неспоивоста на функции е јасно и прецизно дефинирана и во Законот за пратеници, Законот за собранието и Изборниот законик. Непочитувањето на овие закони повлекува последици од престанок на мандатот на избраните функционери.
И професорот по уставно право Денис Прешова преку социјалните мрежи повика Собранието да го извести Џафери за законските правила и да констатира престанок на неговиот пратенички мандат.
– Демонстрирајќи класично самоволие, Џафери одлучи самиот да си избере која функција ќе му мирува, пратеничката, иако таква можност за мирување кај пратениците апсолутно не постои, а која ќе ја извршува претседател на Владата, и на кој закон тој ќе се повикува со сопствено толкување… Сега е првиот тест за тоа дали нешто ќе се промени на овој план или ќе си продолжиме по старо, бидејќи по верификацијата и мандатот се познава. Собранието мора веднаш да го извести Џафери за постоењето неспоивост на неговата пратеничка функција со функција во извршна власт и ќе му укаже дека престанала неговата функција – претседател на Владата, а не нему да му остава да си толкува правни норми како сака и како му одговара – пишува Прешова.
Завчера оставки од функциите министри за одбрана и за земјоделие поднесоа Славјанка Петровска и Љупчо Николовски од СДСМ. Претходно, оставки поднесоа и техничките министри од ВМРО-ДПМНЕ. Оставки засега не поднесоа техничкиот премиер Џафери и министерот за здравство Илир Демири.