трпеза
Фото: Pexels

Не пијте без мезе и не мешајте алкохол со дрога и лекови, порачува д-р Чибишев

Директорот на клиниката за Токсикологија, д-р Андон Чибишев, и годинава испрати предупредување до граѓаните да внимаваат при прославата на новата година и празниците, особено околу конзумирањето храна и алкохол, но и мешањето на алкохолот со дрога и лекови, за што вели дека може да биде многу опасно.

-Покрај алкохолот, се злоупотребуваат и лекови, медикаменти и опојни дроги. Што е уште потрагично и поопасно, се злоупотребуваат заедно со алкохол, што е кај некои случаи фатална комбинација која може многу сериозно да го наруши здравјето. Посебно ако алкохолот се конзумира со седативи, односно со лекови кои се прилично злоупотребувани во Македонија: диазепам, лексилиум, хелекс. Има такви што употребуваат алкохол со опојни дроги, со опијати, што е страшно опасна комбинација. Не сакам да кажам смртоносна, меѓутоа е животозагрозувачка. Јас сум среќен што нам не ни се случило, но во литературата има опишано многу смртни случаи при употреба на такви комбинации, односно злоупотреба на алкохол заедно со опојни дроги или одредени медикаменти, рече Чибишев во интервју за „Курир“.

Докторот вели дека треба да се внимава и со исхраната.

-Сите сакаме да јадеме многу. Македонската традиција вели за празници полна трпеза, многу јадење, многу пиење алкохол. Храната наша изобилува со животински маснотии, кои што можат сериозни проблеми да ни направат ако сето тоа го комбинираме и со алкохол. Ние најмногу се плашиме од состојби како што се акутно воспаление на панкреасот (акутен панкреатитис) кој што се јавува во сите возрасти. Кај состојби каде што има внесување на голема количина на храна која содржи животински маснотии и алкохол во комбинација. Во одреден момент може да настане пореметување на целиот процес на дигестија, враќање на сите ензими или сокови кои ги излачува панкреасот, а учествуваат во дигестијата на храната и панкреасот да почне самиот себе да се разградува. Опасни животозагрозувачки состојби – тоа најмногу нè плаши. Затоа граѓаните да внимаваат со внесување на храна, посебно маснотии и да внимаваат со внесување на алкохол. Јас не можам да им кажам да не се напијат ништо, а уште помалку како клинички токсиколог можам да им кажам: „Слободно напијте се“. Меѓутоа, една чаша убаво македонски вино мислам дека ќе ни го подобри расположението и убаво ќе се чувствуваме. Но, да внимаваме во однос на внесување алкохол и препорака никогаш алкохолот да не се пие без нешто да се јаде. Ние викаме: „На гладно срце да не се пие“, да не се пие без мезе, вели д-р Чибишев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот