
НЕ ДАЈ БОЖЕ ДА СЕ РАЗБОЛИШ ВО МАКЕДОНСКИ ЗАТВОР: Ако те боли заб, ќе си платиш на клиника или ќе ти го вадат со конец
Европското правило вели „за да ја видите демократијата во една земја, прво видете ги нејзините затвори“. Ако судиме според ова непишано правило, тогаш општите или посебните затворски здравствени услови во македонските затвори се заглавени некаде далеку во минатиот век. Измина и втората деценија на самостојна Македонија, а никако, барем малку да се европеизираат здравствените услови за тие кои се огрешиле пред законот.
Препорачано
Поради бедните услови и малите парични средства кои ги одвојува секоја влада затворениците се принудени да се молат да не се разболат, бидејќи немаат никакви услови побрзо да закрепнат. Ако се разболат, може само да сонуваат да се во затворска болница која ги има сите медикаменти и потребен здравствен персонал, нешто што секој од нас го видел ако ништо друго барем на филм. Во голем број од затворите во земјава го нема основното, а тоа е 24 часовен медицински тим, кој ќе се грижи за општото здравје на притворениците или осудениците. Гинеколошка ординација, пак, за осуденичките е мисловна именка. Надлежните од затворските установи за низата медицински проблеми кои ги имаат осудениците за жал останаа недостапни за коментар.
За страшната состојбата која е опасна по здравјето на осудениците, притворениците, затворските работници и роднините кои ги посетуваат зад решетките, говори и најновата анализата која ја изработи тим на Хелсиншкиот комитет насловена „Извештај за состојбите и условите во казнено-поправните установи во Република Македонија“.
Во него детално се опишани благо речено страшните условите. Студијата која е правена годинава го опфатила и струмичкиот затвор. Вкупниот капацитет на струмичкиот затвор варира од 62 до 64 лица. Кога бил посетен од стручните екипи на Хелсиншкиот комитет внатре имало 79 лица. Токму тогаш е контстатирано дека ни повеќе дека дури 21 лице од осудените се во бегство. Здравствената заштита за тие што останале „внатре“ била обезбедена од еден доктор по општа медицина и медицинска сестра, кој доаѓале секој вторник и петок. Во струмичкиот затвор нема стоматолог. Доколку некој осуденик го боли заб или треба да му се вади заб, трошоците за стоматолог се на сметка на осуденикот. Во затворот имало тројца зависници кои се лекуваат со метадон. Дневната метадонска терапија им ја дава надзорникот, а метадонот се чува кај дежурните полициски службеници.

Истражниот затвор „Скопје“ располага со психијатар, кој воедно е ангажиран и во К.П.Д. „Идризово“. Има и медицинска сестра, стоматолог и два доктори по општа медицина. Главен проблем во овој затвор е набавка на лекарства.
Друга приказна е најголемиот затвор во земјава, познат како „Идризово“. Овој затвор има капацитет од 1.094 легла. Во него има 50 осуденички. Во една од просториите на затворот е утврдено дека затворениците имаат вошки, заедничките тоалети не се чисти и се шири лоша миризба. Во однос на здравствената заштита, „Идризово“ располага со еден општ лекар, психијатар кој што работи и во К.П.У. „Скопје“, две медицински сестри и стоматолог. Медицинскиот персонал работи само за работни денови, во една смена, од 7:30 до 15:30 часот и е надлежен за обезбедување примарна здравствена заштита. Затворот не води евиденција и дијагностицирање на заразни болести како што е Хепатит Б и Ц, меѓутоа е утврдено дека околу 60 осто од зависниците се заболени од хепатит. Дијагностицирањето не се спроведува со тестови, туку за утврдување на дијагноза се зимаат индикатори и историја на зависности на лицето. Во затворот престојува осуденик со дијагностициран ХИВ-вирус. Затворот нема доволно лекови за сите затвореници. Стоматолошкото столче во затворската амбуланта било во дефект.
„Стоматологот изјави дека осудените лица се третираат со таблети, а доколку има потреба од стоматолошки зафат се упатуваат надвор од установата“, стои во извештајот.
Жените затворенички во „Идризово“ сè уште немаат соодветен пристап до здравствена заштита и услуги. Имало случаеви каде што затворскиот лекар не ги посетувал со месеци. Недостатокот на гинеколог во женското одделение во „Идризово“ останува проблематично, имајќи предвид дека жените кои издржуваат казна затвор имаат родово специфични здравствени потреби, не само во однос на бременост и пред и постнатална нега, туку и во насока на нивното репродуктивно и сексуално здравје, како и превентивни прегледи за рак на гради и матка. Повеќето од затворенички се пожалиле на ненавремени одговори на нивните барање за лекување надвор од установата, утврдиле стручните лица од Хелсиншкиот комитет.

Штипскиот затвор има 210 легла, а кога бил посетен, во установата имало 236 осудени лица. Директорот истакнал дека затворот нема прочистителна станица за отпадната вода. Самото тоа претставува ризик за ширење на заразни болести во затворот.
Затворот располага со еден доктор, една стоматолошка техничарка, една медицински техничар. Со договор на дело ангажиран е стоматолог и психијатар. Во К.П.Д. „Штип“ има регистрирано околу 30 зависници на наркотици, околу 30 лица се со хепатит Ц и едно лице со дијагностициран ХИВ-вирус. Дистрибуцијата на лекови се прави од страна на затвореници, а не од страна на медицинскиот персонал. Кога имало недостаток на лекарства, тие се требувале од најголемиот затвор во земјава познат како „Идризово“.
Тетовскиот затвор има еден доктор по општа медицина кој е во установата секој ден од 7:30 до 15:30 часот и е достапен на повик до 22 часот.
„Доколку се јави потреба по 22 часот, доаѓа брза помош. Во установата нема медицинска сестра. Просторијата која што докторот ја користи за прегледи и обезбедување на здравствената заштита е мала, има само еден кревет и две ормарчиња за складирање на лековите. Во амбулантата, нема ЕКГ апарат ниту паравани; од опрема има 1 стетоскоп; 1 апарат за притисок; 1 апарат за мерење на нивото на шеќер во крвта; 1 термометар. Докторот им обезбедува на осудениците примарна здравствена заштита, кога има потреба за тоа осудените лица се носат во локалната болница. Во тетовскиот затвор нема стоматолошка ординација, трошоците за стоматолог ги сносат осудените лица. Исто така, осудените лица сами ги плаќаат лековите коишто им се потребни за третирање на нивните заболувања, а кои ги нема во амбуланта“, се наведува во анализата.
Според анализата, кумановскиот затвор за македонски услови има најдобра здравствена покриеност на осудениците. Во поглед на здравствената заштита затворот има стоматолошка ординација, аптека, просторија за вршење на прегледи и просторија за постоперативен зафат. Доктор по општа медицина доаѓа два пати неделно, во понеделник и четврток, стоматолог на секои 2 недели, а психијатар еднаш неделно. Затворениците ја остваруваат здравствената заштита со поднесување на барања за преглед до затворската полиција, имаат постојано дотур на лекови, а во моментот на посетата имаа залиха на лекарства.
Казнено поправната установа во Гевгелија има 54 легла за осудени лица, и 12 за притворени лица. Затворот нема постојан затворски лекар кој обезбедува здравствена заштита на осудените лица. Но има лекарска соба за прегледи каде што секој вторник и петок доаѓа доктор, а има склучено договор со стоматолошка приватна ординација за обезбедување стоматолошки услуги.

Во Охрид е сместена казнено-поправната установа за помлади полнолетни и малолетни машки лица осудени со правосилна пресуда на казна малолетнички затвор. Тамошните „домаќини“, малолетниците кои беа интервјуирани изјавиле дека не добиваат хигиенски пакети и се бањаат само еднаш неделно.
Струшкиот затвор здравствената заштита на осудениците им ја покрил со екипа на Итната помош. Затворот имал ангажирано една медицинска сестра која била на неплатен одмор. Во затворот нема вработено лекар по општа медицина, ниту пак стоматолог и психијатар. Примарната здравствената заштита на затворениците се врши преку здравствени работници вработени во Итната медицинска помош.
Најтрагична е состојбата на еден осуденик од прилепскиот затвор. Тој на свој грб ја осетил бедата на македонските затвори додека ја издржувал мерка притвор. За неговиот случај се вели:
„При физиолошки потреба, паднал во ќелијата и се повредил. По извршен специјалистички преглед во болницата „Св. Еразмо во Охрид“ бил упатен во општа болница во Прилеп, на одделението за ортопедија, каде што требало да се изврши оперативен зафат. Но, не му било дозволено да се задржи во болницата и било побарано да се врати во затворот, иако од страна на затворските службеници било истакнато дека во затворот нема услови за негово соодветно лекување“.