Протест за прегазената девојка Фросина - Слободен печат / Методи Здравев
Протест за прегазената девојка Фросина - Слободен печат / Методи Здравев

„Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“ – трет протестен марш во Скопје

Со пароли „Ние сме гласот на Фросина“, „Не чекајте катастрофа, дејствувајте сега“, „Валкани пари – смртни последици“, „Најстрога казна за сторителот на убиството на Фросина“, граѓаните денеска испратија порака да се стави крај на неказнивоста и селективната правда.

Во организација на граѓанското движење „Кој е следен“, се одржа третиот протестен марш на кој граѓаните бараа правда за 22-годишната Фросина Кулакова, младата модна дизајнерка од Неготино која животот го загуби откако беше прегазена на булеварот „Партизански одреди“ додека преминувала пешачки премин.

Протестниот марш започна пред Универзална сала, каде што беше прегазена младата Фросина, потоа продолжи пред Владата, па пред Собранието и заврши пред Апелациониот суд во Скопје,

Ова не е политички проблем, туку системски, порача Росица Кулакова, сестра на младата Фросина, нагласувајќи дека правдата мора да биде задоволена.

– Да не заборавиме зошто сме сите тука. Ова не е политички проблем, туку системски проблем кој опстојува 30-тина години наназад. Повикувам никој да не ја злоупотреби нашата семејна трагедија, трагедијата на семејствата на Теодора, на Викторија итн. Наместо да продолжиме да го делиме народот политички, време е да се обединиме сите заедно, само така може да го собориме криминалниот и корумпиран систем којшто нас нè покосува. Овде сме да бараме правда за сите обесправени семејства, за Оливер, за Викторија, за Фросина Кулакова, за Фросина Цековска, тие веќе немаат глас, но ние сме нивниот глас. Правда мора да има – порача Кулакова.

Од граѓанското движење „Кој е следен“ упатија порака дека потребни се безбедни улици, почитување на ограничувањата на брзината и казни за несовесните возачи.

Фросина Кулакова од Неготино на 29 јануари, годинава беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во близина на Универзалната сала во Скопје. Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој, според обвинителството, возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло. На Јованов му е одреден притвор од 30 дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот