Ерик Дејн сега и во „Вовед во анатомија“/ Фото: Profimedia

„Не бев истиот човек“: Ѕвездата на „Вовед во анатомија“ ја откри вистинската причина поради која беше отпуштен од серијата

Американскиот актер Ерик Дејн, кој е најпознат по улогите во сериите „Вовед во анатомија“ („Grey’s Anatomy“) и „Еуфорија“ („Euphoria“), гостуваше во поткастот „Armchair“ и ја откри причината поради која бил отпуштен од серијата „Вовед во анатомија“, пренесе „Холивуд репортер“.

Дејн ја играше улогата на пластичниот хирург д-р Марк Слоун, познат по прекарот Мекстими. Слоун беше најдобар пријател со д-р Дерек Шепард (кој го играше актерот Патрик Демпси), но нивното пријателство се распадна поради аферата на Слоун и сопругата на Шепард, Адисон.

Слоун првпат се појави на крајот на втората сезона, како гостинска улога, но ги импресионираше гледачите, па затоа продуцентите решија да го додадат во редовната екипа во третата сезона на серијата. Слоун стана миленик на обожавателите на серијата низ годините, но неговата приказна заврши на почетокот на деветтата сезона, кога почина од повреди здобиени во авионска несреќа.

Дејн накратко се врати во 17. сезона на популарната медицинска серија, бидејќи неговиот лик се појави во сонот на главниот лик Мередит Греј.

Ерик Дејн во „Вовед во анатомија“ / Фото: LANDMARK MEDIA / Alamy / Alamy / Profimedia

Актерот во поткастот откри дека напуштањето на серијата не било негова одлука и дека отказот дошол затоа што се променил како личност. „Мислам дека ме отпуштија“, рече актерот, објаснувајќи дека тогаш се борел со зависности.

„Не ме отпуштија поради тоа, но дефинитивно не помогна. Како и повеќето актери кои поминаа многу време на шоуто, станав прескап за емитувачот. Емитувачот знае дека шоуто ќе биде исто толку успешно без разлика кого ќе решат да го задржат. Додека ја имаат својата Греј, сè ќе биде во ред“.

„И Шонда Рајмс беше навистина прекрасна. Таа жестоко нè штитеше. Таа нè штитеше јавно. Таа нè заштити приватно… Но, веројатно добив отказ. Тие не ми рекоа: „Отпуштен си“, туку само рекоа: ‘Не се враќаш повеќе’“.

Актерот објасни дека за време на снимањето на „Вовед во анатомија“ бил зависен од лекови против болки и страдал од депресија. Поради сите проблеми со кои се соочувал, не сакал да признае дека на почетокот добил отказ, но се однесувал како да е негова одлука да го напушти шоуто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот