Протести Хаг, Фото: ЕПА

Насилство и хаос на десничарските демонстрации во Хаг

Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлаа предмети кон полицајците и го запалија полициското возило.

Десничарските демонстрации во Хаг, главниот град на Холандија, денес, неколку недели пред општите избори, се претворија во насилство и хаос, кога демонстрантите се судрија со полицијата и ја вандализираа канцеларијата на една политичка партија.
Полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите кои фрлаа предмети кон полицајците и го запалија полициското возило.
Засега нема информации за повредени или апсења.

Холандските медиуми прикажаа како демонстрантите ја напаѓаат канцеларијата на центристичката политичка партија Д66.

„Ѓубре, подалеку од политичките партии!“, рече лидерот на таа партија, Роб Јетен, и додаде во порака на платформата X:

„Ако мислите дека можете да нè заплашите, немате среќа. Никогаш нема да дозволиме екстремистичките демонстранти да ни ја земат нашата прекрасна земја.“

Помала група демонстранти се упати кон комплексот на Парламентот на Холандија, кој е ограден бидејќи е во реновирање веќе неколку години.

Насилството избувна на демонстрации од само неколку стотици луѓе, од кои многумина носеа црно, барајќи построга политика за давање азил на странци.

Општите избори беа распишани за 29 октомври откако антиисламскиот пратеник Герт Вилдерс ја повлече својата партија од владејачката коалиција во спор околу мерките за ограничување на странската имиграција.

Во денешното соопштение, Вилдерс ги осуди демонстрантите за блокирање на автопатот и напаѓање на полицијата, нарекувајќи ги „идиоти“ и „ѓубриња“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот