
Народната банка се плаши од инфлација, основната камата си остана иста
Бидејќи каматата на благајничките записи останува непроменета, сигналот до комерцијалните банки е – не менувајте ги каматите.
Каматната стапка на благајничките записи останува н 6,3 проценти, одлучи Извршниот одбор за монетарна политика при Народната банка. Оваа каматна стапка, како што е познато е основна камата која треба да послужи за понатамошните пресметки на каматите на депозитите и на кредитите. Бидејќи каматата на благајничките записи останува непроменета, сигналот до комерцијалните банките е – не менувајте ги каматите.
Препорачано
Европската централна банка пак, минатата недела ја донесена одлука за намалување на основните каматни стапки за 0,25 п.п., во согласност со очекувањата на пазарите.
Народната банка образложи дека ја темели на „најновите податоци и информации за глобалната и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика“.
„На седницата беше оценето дека тековната поставеност на монетарната политика е соодветна на условите во економијата“, пишува во соопштението од Народната банка.
Оттаму појаснуваат дека „главниот акцент при носењето на одлуката за задржување на тековната поставеност на монетарната политика беше ставен на потребата од стабилизирање на инфлацијата и инфлациските очекувања на потрајна основа“.
Народната банка вели дека е потребна понатамошна претпазливост во однос на движењето на цените. Инфлацијата во мај 2024 година умерено забрза и изнесува 4,5 проценти, за целата 2024 година се очекува просечна инфлација од 3,5 проценти.
„Во однос на цените на примарните производи на берзите, најновите прогнози се ревидирани умерено нагоре, односно се очекува нивен помал пад оваа година, а нестабилниот геополитички контекст и натаму создава неизвесност и нагорни ризици за следниот период. Оттука, беше оценето дека е потребна натамошна претпазливост при водењето на монетарната политика“, соопштија монетарците.
Во монетарниот сектор, соопшти НБ, според првичните податоците за мај 2024 година, депозитниот потенцијал на банките и натаму расте, слично на очекувањата, при малку посилен кредитен раст од проектираниот.
Состојбата на девизниот пазар е стабилна и движењата се поволни. Нивото на девизните резерви на крајот на мај е речиси 4,3 милијарди евра.