
Напуштеното Поштенско – ограбено и искршено до последен телевизор!
Демолиран до последното парче мебел, скршени прозорци и врати, покуќнина, фрлени телевизори по хотелските соби, така изгледа денес Поштенскиот дом на Водно. Некогашниот омилен ресторан на скопјани од 70-тите и од 80-тите години на минатиот век денес е вандализиран. Срча и остатоци од хотелскиот порцелан „заседнале“ на летната тераса над која надвиснала разгранетата вегетација.
Препорачано
Последниве години Поштенскиот дом не работеше. До пред четири години беше во релативно добра состојба, но според сведоштва на планинари, првите знаци на оштетување – искршени стакла и оштетен инвентар забележале пред околу четири години. Оттогаш, како што велат, на секое поминување глетката била се поужаснувачка.
И муралот на Корубин препуштен на вандалите
Сместен во густа букова и костенова шума, на околу 700 метри надморска височина, некогашниот хотелско-угостителски објект, познат како Поштенски дом или Поштенско, повозрасните скопјани го паметат како место кое било најубаво за посета во текот на летните месеци. Освен ресторански услуги, нудеше и сместување. Некогашното одморалиште на ПТТ (Пошта, телеграф, телефон), по трансформацијата на општественото претпријатие, му припадна на Телеком, но тие од 2014 година повеќе не се сопственици на објектот.
На фотографиите во очи паѓа огромниот мурал што го зафаќа централниот ѕид на ресторанската сала. Иако во некои медиуми беше објавено дека станува збор за уште едно запуштено дело на познатиот македонски сликар-муралист Борко Лазески, вистината е дека тој е дело на академскиот сликар Миле Корубин.

„Минатата година поминав од кај Поштенското и останав занемена од нивото на деструкција и безумие со кое се соочив гледајќи го уништен овој прекрасен објект. Како е можно нашето општество да го дозволува ова?“ прашува Росица Лазеска, ќерка на починатиот Борко Лазески.
Можеше да се пренамени во услови на пандемија
– Пред една година го видов тој вандализам. Но тогаш целата просторија уште имаше мебел. Сега е празна, некој очигледно го натоварил и го зел – вели Александра Стојмановска, планинарка од Скопје.
„Пред три години, кога видов расфрлани телевизори, телефони, фотелји преку прозорец, лично пријавив во полиција, но очигледно џабе. Некоја игра е во прашање… Слушнав дека имало три неуспешни лицитации“, е коментарот на Фејсбук на еден граѓанин, откако беа објавени фотографии од демолираниот објект.
Од оскудните јавно достапни податоци дознаваме дека до продавањето на Телеком на Маѓар телеком, со него стопанисувал секторот Стандард на оваа компанија, а потоа подолго време бил користен за сместување на високи личности од странство кои биле гости на Телеком, пред и по неговата продажба. Потоа за неговата судбина нема податоци. Телеком соопшти дека објектот не е во нивна сопственост уште од 2014 година.
„Со оглед на тоа дека очигледно никому не е потребен, како и дека е сместен на Водно, каде што асфалтниот пат има посебен режим на користење, можеби е најдобро тој да беше преземен од државата или од Град Скопје и да беше даден на управување на некое планинарско друштво за да биде планинарски дом, во услови кога и онака малубројните домови во државата се уништени или во многу лоша состојба“, велат планинари.
Во ситуација кога општеството е соочено со епидемијата на ковид, запуштањето на вакви објекти кои имале услови, инвентар и потребна инфраструктура за сместување поголем број луѓе, на само петнаесетина минути возење од Скопје е навистина неодговорно. Овој хотел можеше да биде пренаменет во објект за сместување болни, во лекувалиште или да добие некоја друга општествено полезна функција, се дел од коментарите на социјалните мрежи.