Фото: Приватна архива

„Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши“: Семејството на Теодора револтирано од одлуката на Апелација

Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза – велат Ристовски во писмото

Семејството на Теодора Ристовска со писмо до јавноста информираше дека Апелациониот суд во Гостивар ја потврдил пресудата на Основниот суд во Тетово, со која обвинетиот Менсур Пајазити од село Голема Речица е прогласен за виновен и осуден на две години затвор за смртта на тогаш 22-годишната девојка во сообраќајна несреќа. Тие се револтирани од оваа пресуда на повисокиот суд.

– Оваа пресуда е срам за правдата. Животот на Теодора згасна, а казната изгледа како подбив. Наместо вистинска правда, добивме минимализирање на трагедијата која нè скрши. Обвинетиот во жалбата се повикува на интересот на јавноста и на владејачката партија како фактор за „превисоката“ казна, но тој интерес е многу природен — затоа што кога млад живот е згаснат, секој е потресен. Ако судството не беше труло и корумпирано, никому немаше да му пречи овој интерес. Наместо правда што ќе донесе мир, добиваме систем кој со својата блага и селективна казна создава уште поголема недоверба и омраза – велат Ристовски во писмото до јавноста.

Семејството вели дека и покрај тоа што понатамошниот правен пат до Врховниот суд зависи од Јавното обвинителство, тие нема да молчат и ќе продолжат да бараат одговорност и преку јавноста да истакнуваат дека оваа неправда не смее да остане без последици.

-Ние не бараме привилегии. Бараме човечност и фер однос — она што му припаѓа на секој граѓанин. Кога казната е непропорционална со загубата, виновен станува не само сторителот, туку и самиот систем. Го гледаме осудениот како слободно се движи, дури повторно седнува зад воланот, без видливо чувство на вина. За нас, тоа е брутална навреда за сеќавањето на Теодора и за секој кој знае што значи да изгубиш дете, сестра или најблиска личност. Трагедијата на Теодора ќе остане наша вечна болка. Но срамот на оваа пресуда му припаѓа на правосудниот систем. Кога убиецот шета слободен, целата нација е жртва. Правдата мора да биде видлива, опиплива и вистинска. Животот на Теодора не е бројка во досие – тоа е нашата вечна рана. И нема да престанеме да бараме правда, за да покажеме дека жртвите не се оставени сами – пишуваат од семејството на Теодора Ристовска.

На 7 април 2025 година на повтореното судење за смртта на Теодора Ристовска во сообраќајна несреќа, обвинетиот Менсур Пајазити ја призна вината и по изведување на докази и завршни зборови, беше осуден на казна затвор од две години.

Виновен е затоа што на 15.08.2022 година во Тетово, како учесник во сообраќајот не се придржувал до прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај. Управувал возило БМВ и се движел по булевар, со брзина од 59 километри на час, која брзина не е приспособена на условите на патот за да може навремено да го запре возилото, при што не му отстапил првенство на минување на пешакот, сега покојната Теодора Ристовска, која поминувала на обележан пешачки премин, гласи пресудата од април.

По сообраќајната несреќа во август 2022 година, на првото судење во ноември 2023 по признавање на вина Пајазити беше осуден на три години и шест месеци затвор. По жалба, Апелацискиот суд ја намалил казната на две години затвор, па Врховниот суд ги укинал двете пресуди на Основниот и Апелацискиот суд и предметот го врати на повторно судење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот