
Наместо сиромашните, вишокот храна ги храни депониите
Невладините што со години се борат да ја регулираат материјата, го поздравија донесувањето на овој закон, но сега се разочарани што не се гледа крајот на нивното лобирање
Солени или благи деликатеси, скара, готвени манџи, сендвичи и салати, кои остануваат по секоја семејна веселба или од топлиот оброк во некоја работничка менза, наместо да завршат кај оние на кои им се најпотребни, ги „хранат“ депониите. Законот за донирање вишок храна сè уште не е донесен, а тоа остава простор за нелегално собирање на вишоците храна што остануваат во рестораните, фабричките мензи и во киосците за брза храна, што, пак, се коси со Законот за безбедност на храната.
Препорачано
Јавната расправа по Законот за донирање на вишокот храна, за кој е задолжено Министерството за земјоделство, требаше да заврши до 18 август и текстот да биде пуштен во Собранието. Законското решение првично беше предложено пред четири години, но до почетокот на оваа година немаше услови за негово донесување.
Според Предлог-законот, кој беше ставен на ЕНЕР во октомври лани, требаше да се направи регистар на сите фирми што располагаат со вишок храна, кои ќе добијат лозинка за да влезат на одредена платформа, за да пријават колку вишок храна имаат. Народните кујни, пак, ќе бидат должни да ја преземат и да ја поделат, а потоа на истата платформа ќе треба да пријават дека храната е стигната до крајните корисници за да нема злоупотреби. Преземањето храна ќе биде на принципот „прв дојден – прв услужен“.
Законот предвидува големи парични казни, затворање на објектите, дури и казни затвор за спречување злоупотреби. Предвидени се и затворски казни за непочитување на одредбите за преземање и донирање храна. Донирањето дополнително ќе се мотивира и со трипати зголемени цени за фрлање на храната во депонија, кои досега ги плаќаа угостителите. Невладините што со години се борат да ја регулираат материјата, го поздравија донесувањето на овој закон, но сега се разочарани што не се гледа крајот на нивното лобирање.
– Се израдувавме што конечно добиваме Закон за вишок на храна, кој ќе го регулира целиот процес, но сега работата како да е закочена. Не знаеме каде е проблемот. Да претпоставиме дека илјадници македонски семејства дневно фрлаат одредено количество храна, тоа е солидна и сериозна сума, која може да нахрани други илјадници семејства – вели за „Слободен печат“ Душко Христов, раководител на „Банката за храна“.
Тој во повеќе наврати инсистираше дека ова е многу сложен процес, кој треба добро да се осмисли и да се спроведе за да бидат задоволни сите страни. За да се донира храната што останува, потребно е да се исполнат неколку услови: да имаат соодветно складиште за храната, во кое ќе се одржува свежа, да има соодветен превоз и вработено лице за таа намена. „Банката за храна“ Македонија има главна дејност за собирање на вишоците храна од сите оператори со храна, какви што се производителите, дистрибутерите, супермаркетите и рестораните, и нејзино складирање, евиденција, сортирање и дистрибуција до различни категории социјално загрозени лица.
Таа е членка на Европската федерација на банки за храна, каде што се собрани повеќе од 420 банки за храна.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) ја рангира Македонија на осмото место во светски рамки според количеството фрлена храна во однос на бројот на жители. Најмногу се фрла овошје и зеленчук, а најмалку живина и риба. Податоците што јавно се објавуваат, покажуваат дека во Македонија годишно се фрла храна во огромни количества, кои можат да нахранат приближно 13.000 граѓани со три оброци дневно.
Донирањето треба да се прави без профит
Вишок храна е онаа храна што е произведена и ставена во промет во согласност со Законот за безбедност на храната, но која е непродаденa или непобаранa поради недостиг на побарувачка, повлечена од продажба бидејќи не ги задоволува стандардите на продажба на фирмата, како и храна на која ѝ се приближува крајниот рок на траење, залихи, како и храна што поради технички недостатоци (недостатоци во ознаките, пакувањето, тежината, грешки во производството, оштетувања од метеоролошки услови и други физички недостатоци) не може да се пушти во промет, а која ги исполнува условите според прописите од областа на безбедност на храната.
Во истата категорија спаѓаат и земјоделски производи од растително потекло, неискористена храна подготвена во маркети и во угостителски објекти за исхрана, финални пекарски производи и дериватите на тесто од брашно произведени во пекарници кои немаат потреба од термички третман, кои не се продадени или управувани во рок од 24 часа по производството, како и конфискувана храна безбедна за употреба. Законот утврдува дека донирањето ќе се прави без профит, дека донаторот може да биде физичко и правно лице, кое исто така донациите ќе ги прави без профит, односно за општествена корист.