Слободен печат/Елисавета Бејкова

Наместо функционерите кои не знаат англиски, власта ќе ги „збрише“ ТОЕФЛ сертификатите

Додека „постапките за проверка на сертификатите за познавање по англиски јазик се во тек“, владините институции и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ со измените на закони кои ги предлагаат имаат намера да ги менуваат условите предвидени за носителите на јавни функции, со цел овој очигледно „проблематичен критериум“ за именување директори и нивни заменици да се изземе во натамошните постапки. Иако се најавуваше откривање функционери со лажни сертификати, сега се предлага намалување на критериумите за познавање странски јазик.

Темата за лажни сертификати се актуализираше по назначувањето на директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски по сомнежите и пријавите во Државната комисија за спречување на корупцијата и Скопското обвинителство за „употреба на исправа со невистинита содржина, поради поседување и користење на лажен ТОЕФЛ-сертификат за познавање на англиски јазик, прибавен од непостоечки испитен центар во Пловдив, Бугарија“. Претходно, две директорки на јавни установи беа осудени за фалсификуван сертификат, наводно добиен од училиштето за странски јазици „Јулија“ во Пловдив.

МВР веќе три месеци проверува

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, пред три месеци најави дека ќе бидат проверени 500 поранешни и сегашни функционери за кои постојат индиции дека приложиле лажни сертификати по англиски јазик.

– МВР во рамки на своите дејствија, согласно закон, ќе ги провери досега добиените информации за 500 функционери од минатото и дел во сегашноста, а за кои постојат индиции дека сториле нешто кое цениме дека не е во согласност со законските одредби, во смисла на соодветни докази што не соодветствуваат со потребните законски процедури утврдени согласно закон. Министерството ќе постапува како што постапуваше и во изминатиот период, професионално и неселективно, за сите оние за кои постојат индиции дека го сториле или не го сториле во рамки на законски прописи она што требало или не требало да го сторат – рече тогаш Тошковски.

По овие најави на министерот, Обвинителството го чека Министерството за внатрешни работи (МВР) за да постапува, па и оттаму нема конкретни дејства по овие најави.

На прашањето на „Слободен печат“ до МВР – што се случува со постапките за сертификатите на функционерите, само кратко ни одговорија – „постапките за кои прашувате се во тек“.

– Министерот за внатрешни работи кажа дека има околу 500 фалсификати, што значи тој ја знаеше и бројката, а најверојатно знаел и кои се лицата. Според тоа, МВР сега е на потег. Овде не може да се постапува по допрен глас, затоа што тие ги имаат конкретните лица. Така што, доколку има навистина 500-тина, чекаме да се процесуираат и Обвинителството ќе преземе сè што треба – рече републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски по оваа изјава на министерот.

Во многу оспоруваниот Предлог-закон за јавни набавки, кој е поднесен од група пратеници од ВМРО – ДПМНЕ, во делот за сертификати за познавање англиски јазик, членовите и претседателот на Државна комисија за жалби по јавни набавки, ако предлогот биде изгласан на пленарна седница, ќе нема потреба да поседуваат сертификат за познавање англиски јазик.

Во моментов, според Законот, тие треба да поседуваат еден од меѓународно признатите сертификати за познавање англиски јазик не постар од пет години (ТОЕФЕЛ, ИЕЛТС, ИЛЕЦ, ФЦЕ, БУЛАТС или АПТИС), на кои се точно наведени бодови според степенот на знаење.

Според новиот предлог, тие ќе треба само „активно да познаваат еден од трите најчесто користени јазици во Европската Унија (англиски, француски или германски)“.

Пратениците се повикуваат, на, како што го нарекуваат „заклучок од Владата“, според кој, се задолжуваат сите министерства да направат измени на законите во делот на сертификатите.

– Владата, по повод укажувањата на проф. д-р Весна Јаневска, министер за образование и наука, а во врска со поседување на меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, ги задолжи сите министерства кои имаат потреба од изменување и дополнување на законите од својата надлежност по кој било основ, да подготват и до Владата на Република Северна Македонија да достават дополнувања на законите, и во делот каде се утврдени условите за избор/именување директор, заменик директор и на други јавни функции, на тој начин што по условот за поседување на меѓународно признат сертификат или уверение за активно познавање на англискиот јазик, поединечно дефиниран во посебните материјални закони, да се додадат зборовите „или сертификат и/или уверение со кој се потврдува познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија – англиски, француски или германски на најмалку Б2“, се вели во извадокот на нацрт-записникот од 38. седница на Владата од 10 декември минатата година.

Олеснувања и за директорите на училиштата

Од Министерството за образование ни одговорија за она што се предвидува во предлог-измените за директорите во училиштата, кои според она што се предвидува нема да треба да го докажуваат познавањето на странски јазици со полагање во Државниот испитен центар, туку тоа ќе се потврдува со сертификат, не меѓународно признат, туку соодветен.

-Поседувањето јазични вештини и познавањето на странски јазици е дополнителна вредност на лицата кои се ангажираат на раководните позиции во училиштата. Сепак, заклучокот од јавната дискусија преку која се креираше новата законска регулатива во образованието е дека при избор на директор на основно или средно училиште е многу поважно лицето да располага со менаџерски и организациски вештини и способности за непречена организација и реализација на воспитно – образовниот процес и надминување на непредвидливи ситуации во училишната средина, велат од МОН.

Предлог-измени во овој дел има и во предлог-законот за полиција, па МВР, во условите за директор на Бирото за јавна безбедност предлага менување во делот „сертификат што треба да се поседува“. Претходно, директорот требало да има еден од меѓународно признатите сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години и повторно биле наведени ТОЕФЛ и другите меѓународно признати серитифкати. Доколку се усвојат предложените измени, директорот на БЈБ ќе треба да „поседува сертификат и/или уверение со кој се потврдува познавањето на еден од трите најчесто користени јазици на ЕУ – англиски, француски или германски на најмалку ниво Б2“.

Исти измени се предлагаат и во предлог-законот за внатрешни работи, поврзани со кандидатите за засновање на работен однос во МВР на местото државен секретар.
На нашето прашање до МВР зошто се предлагаат вакви измени со кои практично се намалуваат критериумите за познавање на англиски јазик, од МВР велат дека тоа е заради унапредување на законските решенија.

– Со предложените измени се врши унапредување на законските решенија во насока на подобрување на функционирањето на определени процеси во Министерството кои се регулираат со Законот за полиција. Воедно, се врши и усогласување на Законот за полиција со Законот за внатрешни работи, со цел хармонизирање на прописите во надлежност на Министерството и надминување на недоследностите на конкретни законски решенија, со цел нивна доследна примена – велат од МВР за „Слободен печат“.

Актуелниот директор на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, како што тврдат од Министерството, поседува сертификат врз основа на актуелниот закон, но не наведуваат каков точно сертификат има.

Тој магистрирал минатата 2024 година, кога и беше избран за директор на Факултетот за менаџмент со човечки ресурси, односно на истиот универзитет каде што економски факултет заврши директорот на АНБ, Христовски.

Сепак, Државната комисија за спречување корупција не го оспори неговиот сертификат, а Обвинителството не докажа дека му е фалсификат, ниту неговиот, ниту на други функционери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот