Наместо „дуизација“, на ВМРО-ДПМНЕ му се случува тотална „албанизација“

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Веројатно правејќи ја стратегијата за постизборно коалицирање, онака итромански, ВМРО-ДПМНЕ пресметала дека овие од опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) се наивни бајчиња и ќе ги превеслаат подоцна, во текот на заедничкото владеење. Но, се случи спротивното!

Кај нас народот вели „си го бараше со боринче“ кога си играш со огнот. Тоа сега, се чини, ѝ се случува на ВМРО-ДПМНЕ поради тврдоглавите „патриотски“ игри и одбивањето да ги внесе Бугарите во Уставот. Да не беа тврдоглави, работата досега ќе беше завршена.
Наместо тоа, тие од петни жили почнаа кампања пред кампања за денунцирање на Владата како предавничка, претставувајќи ја како премногу „дуизирана“, а мислејќи на „албанизирана“, затоа што во неа имало многу министри на ДУИ кои не се грижеле за националните интереси на Македонците и на државата. Особено трн во окото им беше министерот за надворешни работи Бујар Османи кој го водеше процесот на апроксимација на земјата во ЕУ, но и другите министри на ДУИ.
Во калкулацииите дека се пред гооолема победа на овие избори сметаа дека ќе бидат во позиција да бираат, како на пазар лубеница, со кого ќе коалицираат за состав на Владата. Притоа, предност им даваа на партиите на Албанците од опозицискиот блок, без да им пречи што овие почесто се во Приштина на консултации одошто дома во Македонија. Не им пречеше ниту најавата дека на изборите во Македонија ќе трча и косовскиот премиер Албин Курти преку претставници на неговото „самоопределување“.
Веројатно правејќи ја стратегијата за постизборно коалицирање, онака итромански, пресметале дека овие од опозицискиот Европски сојуз за промени (ЕСП) се наивни бајчиња и ќе ги превеслаат подоцна, во текот на заедничкото владеење.
Но, се случи спротивното. Наместо да се отарасат од она што го нарекуваа „дуизација“ на Владата на СДСМ, сега на ВМРО-ДПМНЕ ѝ се случува целосна „албанизација“, ако сакаат да формираат Влада.

Ако ВМРО-ДПМНЕ сака власт, ќе мора да ги прифати и „тиранската“ и „приштинската“ платформа!

Имено, таман на чекор до историската победа на изборите, доби сеалбанска понуда со која партиите на Албанците, и од опозиција и од власта, и ги „напикаа“ сите барања што ги држеа во „гепек“ уште од независноста на државата како услов за формирање Влада. И сега, ако ВМРО-ДПМНЕ сака власт, ќе мора да ги прими до балчак, и „тиранската“ и „приштинската“ платформа – во пакет. И сето тоа само затоа што не го искористи моментот, кога и ДУИ и сите други партии на Албанците се нафатија да молчат и во интерес на европската перспектива на државата се согласија да се воздржат од отворање на Уставот по другите прашања кои ги чуваа спакувани во кутијата на Пандора, а сега ја отворија како рибина конзерва од старите државни резерви.
Чие масло е ова сценарио, веројатно допрва ќе се анализира и во јавниот дискурс, но и во органите на партијата.
Но не е се толку драматично и неприфатливо за ВМРО-ДПМНЕ.
Најтешкото барање на раководството на партијата нема да биде промената на Уставот и изборот на претседател на државата во Собранието со двотретинско мнозинство. Тие одамна се имаат произнесено за идејата претседателот да се бира во Собранието. Уште од времето на осамостојувањето, а и сега, во една прилика имаат изјавено: „Со сета почит кон сите што ја извршувале функцијата, но сепак се работи за една функција која што има протоколарно значење, но нема моќ“!
Аналитичарот Владимир Божиновски, пак, смета дека со високиот цензус кој е неопходен за избор на претседател, му се дава преголем легитимитет на претседателот, дури повеќе одошто се неговите ингеренции.
Ова како поздрав до професорката Силјановска- Давкова за да не си ја преценува функцијата претседател и да си негува илузии за радикални промени во општеството. Мицкоски сега ќе мора да бира меѓу една од двете понуди, онаа на „посакуваниот“ Арбен Таравари, или онаа на „омразениот“ Али Ахмети.

 Послушник на послушникот

Инаку, уставотворецот не случајно така ја позиционирал функцијата на претседателот на државата – да се избира на непосредни избори, па и со висок цензус за да биде баланс на власта. За да може во одредени случаи да каже НЕ на некои одлуки на Владата кои поминале во Собрание, затоа што честопати се потврдува тоа што се говори – дека Собранието е послушник на извршната власт. Во случај да се бира во Собранието, тогаш претседателот би бил обична марионета во пазарот на партиите. Или со други зборови – би бил послушник на послушникот.
Именувањето на албанскиот јазик наместо формулацијата 20 отсто веројатно потешко ќе го примат во партијата ако се држат до јавно искажаниот збор дека „официјален јазик е македонскиот и има причина зошто за време на Рамковниот договор е дефиниран прагот 20 проценти“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во мај минатата година.
„Го демантирам Таравари. Не сме разговарале на оваа тема, односно сме разговарале како дел од повеќе теми. Сме разговарале за Бадентер. До кога ќе живееме во општество каде што малцинството ќе го владее мнозинството?“, изјави Мицкоски истата година.
Сега ќе има прилика повторно да разговара со Таравари на истите теми, но овојпат дополнети и надградени.
Сепак, нему најтешка одлука, се чини, ќе му биде внесот на Бугарите во Преамбулата на Уставот, затоа што и изјавата за ова прашање беше најтешка: „Додека сум јас претседател на ВМРО-ДПМНЕ, нема да се смени Уставот за да бидат бугарските барања дел од него“, кажа Мицкоски во јуни 2022.
Епа сега ќе мора да бира меѓу една од двете понуди, онаа на „посакуваниот“ Таравари или онаа на „омразениот“ Али Ахмети.
Има и трета опција, ама за неа другпат.

Фронтлајн

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот