
Намалена е смртноста на предвремено родените бебиња на ЈЗУ ГАК
Вкупната смртност на прематурчиња и на критично болни новороденчиња на ЈЗУ У ГАК е 5,6 отсто. Лани таа изнесуваше 8,2 отсто, а во 2016 година беше дури 25 отсто.
ЈЗУ У Клиника за гинекологија и акушерство се приклучува на одбележувањето на Светскиот ден на предвремено родените деца – 17 Ноември, за подигнување на свеста за предизвиците и за товарот на предвременото породување, за начините да се спречи тоа и за тоа како на прематурчињата да им се овозможат најдобрите здравствени услови да преживеат и да напредуваат.
Препорачано
Прематуритетот останува глобален проблем и водечка причина за смртност на деца до петтата година, додека дел од преживеаните деца се борат со тешки компликации по здравјето.
Клиниката и годинава го продолжува трендот на сериозно намалување на смртноста на предвремено родените бебиња. Годинава (од 01.01.2023 до 14.11.2023), вкупната смртност на прематурчиња и на критично болни новороденчиња на ЈЗУ У ГАК е 5,6 отсто, со тенденција и понатаму да паѓа. Само за споредба, лани таа изнесуваше 8,2 отсто, а во 2016 година беше дури 25 проценти.
Бројките зборуваат за драстичен пад на процентот на смртност кај предвремено родените бебиња, на што сме особено горди, а тоа се должи на навистина огромниот ангажман на целиот персонал од одделот за неонатална интензивната нега (ОИНТ) и на сериозната инвестиција во персонал, знаење и во најсофистицирана и најсовремена апаратура.
Прочистениот број на смртност (предвремено родени бебиња над 26 гестациска недела) годинава е 1,38, а 2022 година ја завршивме со 2,4 отсто.
За одбележување е дека во наведениот период од 2023 година, во добра здравствена состојба дома заминаа 6 прематуруси родени во 26 гестациска недела, едно во 25 гестациска недела и два родени во 24 гестациска недела.