
Марија Брањас, која доживеала 117 години, јадела иста храна трипати на ден: Дали тоа е клучот за долг и здрав живот?
Марија Брањас Морера преживеала повеќе од еден век историја, две светски војни, шпанскиот грип и ковид-19 и речиси целиот живот останала бистра и витална, пренесува „Си-ен-ен“. Таа секојдневно пиела по три чаши јогурт, претежно обични и без додаден шеќер, најмногу ја сакала локалната каталонска марка, богата со корисни бактерии како Лактобацилус булгарикус и Стрептококус термофилус. Овие бактерии ја зајакнуваат цревната микрофлора и помагаат во борбата против воспаленија.
Препорачано
Анализите покажале дека биолошката возраст на Марија била дури 23 години помлада од нејзината вистинска возраст. Покрај јогуртот, таа внесувала и големи количини влакна – на пример преку утрински смути од осум различни житарки – кои служат како пребиотици, односно храна за корисните цревни бактерии. Комбинацијата на пробиотици и пребиотици ја зголемила доминацијата на корисните микроорганизми, што веројатно придонело за нејзината виталност.
Нејзиното менито било пример за традиционална медитеранска исхрана: многу зеленчук, овошје, јатки, семиња и маслиново масло, со малку црвено месо и преработена храна. Избегнувала алкохол, преголема количина шеќер и масна храна, и никогаш не пушела. Покрај здрава исхрана, голема улога имала и генетиката. Но, научниците нагласуваат дека комбинацијата од урамнотежена исхрана, добар микробиом и здрав животен стил може значително да го забави биолошкото стареење.
„Нашите резултати помагаат да се идентификуваат фактори кои можат да им помогнат на многу постари луѓе да живеат подолго и поздраво“, рече д-р Манел Естелер, водач на студијата објавена во списанието „Cell Reports Medicine“. „Видовме дека избегнувањето алкохол, тутун, преголема маснотија и шеќер, заедно со редовна консумација на јогурт, може да имаат многу позитивен ефект врз здравјето и долговечноста.“
Приказната на Марија Брањас, која преживеа повеќе од еден век и остана витална и бистра, можеби ќе нè инспирира да вклучиме уште некоја чаша јогурт во нашата дневна рутина.