
Најмалку 12 загинати во судир меѓу ривалски наркобанди во Еквадор
Судирот меѓу наводните членови на ривалските групи за шверц на дрога остави најмалку 12 мртви во Гвајакил, стратешко пристаниште на брегот на Тихиот Океан во југозападниот дел на Еквадор, град кој е меѓу областите во земјата најтешко погодени од бранот насилство што му се припишува на организираниот криминал.
Препорачано
Насилниците кои се судрија припаѓале на две ривалски фракции на бандата Лос Тигеронес, една од најмоќните кои дејствуваат во земјата, изјави за АФП извор во полицијата.
Оваа банда е составена од околу 20 криминални организации кои имаат врски со меѓународни наркокартели и шират терор во некогаш мирната земја со 18 милиони жители.
Овие организации, кои беа означени како „терористички“ од владата на претседателот Даниел Нобоа, продолжуваат да мутираат.
Делумно поради неговата локација меѓу Колумбија и Перу, двете земји на врвот на рангирањето за производство на кокаин во светот, и неговите пристаништа на Тихиот Океан, Еквадор стана театар на безмилосни конфликти поврзани со шверцот со дрога.
Стапката на убиства вртоглаво се искачи, од 6 на 100.000 жители во 2018 година на 38 на 100.000 во 2024 година, по ужасниот рекорд од 47 во 2023 година.
Претседателот Нобоа ја стави борбата против бандите за трговија со дрога централно прашање на неговата изборна кампања. Тој се надева дека ќе биде реизбран на 13 април, во вториот круг од претседателските избори, на кои ќе се соочи со евангелистичката адвокатка и левичарска кандидатка Луиза Гонзалес.
Откако во Еквадор прогласи состојба на „внатрешен вооружен конфликт“ во јануари 2024 година и ја распореди војската на улиците и откако исто така воведе вонредна состојба во седум од 24 провинции во земјата, минатиот месец изјави дека ќе побара од „сојузничките земји“ да испратат „специјални сили“ за да им помогнат на властите да се справат со „наркотероризмот“.
Приближно 73% од глобалното производство на кокаин се шверцува преку Еквадор, според податоците од извештајот на Министерството за внатрешни работи, репродуциран од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДОЦ).
Властите заплениле рекордни количества дрога во 2024 година, вкупно 294 тони дрога, главно кокаин, во споредба со 221 тон во 2023 година.