
Најголемата дијамантска измама во Велика Британија: Трговец измамил инвеститори за стотици милиони фунти и исчезнал
Вработените во продавница за луксузен накит добиле инструкции да се преправаат дека се муштерии за да ги измамат инвеститорите во најголемата измама со дијаманти во Велика Британија, открива Би-Би-Си.
Препорачано
Измамата му овозможила на трговецот со дијаманти, Ваши Домингез, да добие нови инвестиции за да го одржи својот бизнис, кој пропадна во 2023 година со долгови од 170 милиони фунти. Инвеститорите изгубија сè кога подоцна се откри дека дијамантите од продавницата, за кои се тврдело дека вредат 157 милиони фунти, всушност биле вредни само околу 100.000 фунти.
Домингез исчезна, а ниту Метрополитенската полиција, ниту Канцеларијата за сериозни измами (SFO) не покренаа истрага. Би-Би-Си разговараше со поранешни вработени, инвеститори и финансиски експерти кои анализираат како Домингез успеал да измами толку многу луѓе.
Ваши Домингез стекнал репутација како снабдувач на дијаманти за богатите, по што неговиот бизнис станал бренд на главната улица со продавници во Лондон, Бирмингем и Манчестер. Тој ветувал висококвалитетни дијаманти по пониска цена и „специјално искуство“ при купувањето, што вклучувало интеракција со дизајнери и присуство на изработка на накит во живо.
Вработените, сепак, забележале дека продавницата често била празна, па биле принудени да се преправаат дека се клиенти и да создаваат илузија на голем промет. Тие седеле на бироа, „поставувајќи дијаманти“ или симулирајќи работа, за да убедат потенцијални инвеститори дека бизнисот е успешен.
Исто така, Домингез користел лажни фактури и фиктивни продажби. Во 2021 година, инвеститорите биле убедени дека компанијата остварила приходи од над 100 милиони фунти, додека вистинскиот приход бил само 5 милиони фунти, според документи од компанијата.
Иако компанијата пропаднала, Домингез уживал во луксузен живот: возен парк од скапи автомобили, вклучувајќи Ламборџини, и станови во престижни лондонски населби. Во април 2023 година, синџирот за луксузен накит банкротирал, а Домингез исчезнал заедно со парите на инвеститорите.
Инвеститорите сè уште не ги добиле своите пари назад, а властите засега не покренале постапка за гонење на Домингез, чија локација е непозната, но се верува дека заминал за Дубаи истиот ден кога судот наредил ликвидација на неговата компанија.