Фото: Pexels/Mikhail Nilov

Најдобра заштита од нарциси – бидете досадни како „сива карпа“

„Сива карпа“ е стратегија за соочување со нарциси, луѓе кои зависат од тоа да се чувствуваат важни и посебни, и претставува блага и ненаметлива реакција со која ќе направите нарцисот да изгуби интерес за понатамошна комуникација со вас, наведува д-р Кит Кембел, професор по психологија на Универзитетот во Џорџија, САД, пишува „Си-ен-ен“.

„Не постои вистинска студија за ова, но разговарав со многу жени кои се во врска со нарцисиодни партнери и слушав дека оваа техника е прилично ефикасна. Ова има и теориско оправдување“, додава д-р Кембел.

Нарцисоидноста е комплицирана, но оваа стратегија е едноставна, напоменува д-р Крејг Малкин, професор по психологија на Медицинската школа при Хардвард.

Што е нарцис?

Сите мислат дека нивниот поранешен партнер е нарцис. Но, дали навистина е? Одговорот на тоа прашање зависи од тоа што подразбирате под „нарцис“, вели проф. Малкин.

Нарцисоидноста е особина на личноста, така што секој од нас е некаде на нарцистичкиот спектар, па макар и да е на некое пониско ниво, додава д-р Малин.

„Нарцизмот, генерално, значи да се има претерана слика за себе. Овие луѓе немаат блиски, емоционално топли односи со другите луѓе, а имаат и постојана потреба да се докажуваат и имаат желба другите постојано да им се восхитуваат“, објаснува д-р Кембел.

Општо земено, кога некого го нарекувате „нарцис“, тоа значи дека оваа особина му е поистакната карактерна црта отколку кај повеќето луѓе.

Но, за да наречете некого „нарцис“, лекарите мораат да одредат дали лицето има резултат кој го сместува во оние 10 отсто од населението по нивото на нарцизам. Тоа значи дека еден од 10 луѓе во вашата околина може да се нарече така.

„Она што е многу поретко е нарцисоидното растројство на личноста, состојба во која ефектите од нарцисоидноста генерално одат подалеку од тоа дека таа личност ви е непријатна кога сте во нејзино друштво“, забележува д-р Кембел.

„Клинички, ако тоа го уништува вашиот брак, ако ги уништува вашите деловни односи, ако вашата претерана самодоверба на работа ве доведува до тоа да ви се распаѓа се околу вас… тогаш станува збор за пореметување“, вели д-р Кембел.

Нарцисистите може да се поделат во три категории: отворени, прикриени и социјални, вели проф. Малкин.

Очигледните нарциси се оние на кои обично прво помислуваме: отворено арогантна личност, толку самобендисана што ги сметаат сите други полоши од себе.

Прикриените нарциси се однесуваат поинаку. Она што тие веруваат дека ги прави посебни е нивното страдање. Најчесто тоа се манифестира со тоа што ве тераат да ги слушате нивните маки, додека целосно ги игнорираат вашите грижи и проблеми, објаснува д-р Малкин.

Последната група вклучува т.н. социјални нарциси, кои се чувствуваат посебно затоа што се корисни во околината.

„Тоа се луѓето кои постојано ви кажуваат за извонредните работи што ги прават во нивното соседство“, додава психологот. „Тие сакаат да разберете дека никогаш не сте сретнале погрижлива или попосветена личност од нив“.

Како нарцисот може да нè повреди?

Тешко е да се каже што точно некого го прави нарцис, но, генерално, нарцисоидните луѓе имаат искривена слика за себе и го користат своето его за да добијат поддршка, внимание и восхит, вели Дебора Ешвеј, клинички психолог.

Привлекувањето внимание им е толку важно, а чувството на ранливост толку страшно, што нарцисите честопати прават сè што е потребно за да го добијат, истакнува д-р Малкин.

Понекогаш, за да го добијат тоа чувство на важност, нарцисите ќе беснеат, ќе се закануваат, ќе ве понижуваат или ќе ја глумат жртвата, забележува Дебора Ешвеј.

„Понекогаш, многу суптилно, тие стануваат речиси депрограмирани со текот на времето поради нивното самољубие.“

Идеално, никој не би сакал да биде во врска со нарцис, но тоа обично не е толку едноставно. Луѓето можеби не забележуваат нарцизам кај некого со години, а кога ќе го препознаат, можеби веќе имаат деца, работат заедно или имаат други блиски врски што го прават дружењето неизбежно, забележува Ешвеј.

Затоа во конфликт, па дури и во обично дружење, важно е да го заштитите вашето чувство за самопочит и независност од нарцисот.

Како изгледа стратегијата „сива карпа“?

На пример, замислете дека сте заглавени во разговор на забава. Или сте го оставиле детето кај поранешниот партнер. Или разговарате со напоредн родител.

Можеби, тие ќе бараат пофалба, сочувство или гневно ќе ги коментираат вашите постапки. Наместо да се браните, да се објаснувате или да елаборирате, обидете се вашите одговори да бидат што е можно поконцизни и поблаги, советува д-р Малкин.

„Во ред“, „Имаш право на свое мислење“, „Секако“, тоа се одговори кои треба да ги упатите кон таква личност, без дополнители прашања или давање прилика да бидете дополнително вовлечени во разговор, објаснува психологот.

„Ќе ве пуштат. Каква моќ имаат? Не се шармантни, не можат да манипулираат со вас, не можат да ве направат нестабилни. Само си ја гледате својата работа“, напоменува д-р Кембел.

Некои нарциси ќе ве доживеат како „недоволно добри“ за да ја продолжат комуникацијата со вас. Други, пак, на почетокот ќе бидат вознемирени поради тоа што не им го посветувате вниманието кое го бараат од вас, вели д-р Малкин.

Важно е да знаете со кого имате работа, напоменува Ешвеј. Ако станува збор за обичен „давеж“, тогаш оваа стратегија ќе биде многу успешна. Но, ако станува збор за насилна личност, тогаш треба да побарате стручна помош.

Сепак, важно е да запамтите дека оваа стратегија нема да влијае на промената на однесувањето на нарцисот, напоменува д-р Малкин.

„Оваа стратегија не е за да им дадеме до знаење за нивната нарцисоидност. Станува збор за тоа да се заштитиме себеси“, додава професорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот