Ринат Ахметов, сопственик на Азовстал од Мариупол/Фото: ЕPA-EFE

Најбогатиот Украинец, сопственик на Азовстал во Мариупол, ја тужи Русија и бара милијарда долари отштета

Најбогатиот Украинец и сопственик на фабриката за челик Азовстал во Мариупол, Ринат Ахметов, денеска поднесе тужба против Русија до Европскиот суд за човекови права, барајќи отштета за, како што наведе, милијарди долари деловни загуби поради руската инвазија.

Ахметов, во чија челичарница украинските борци со недели пружаа отпор на руското гранатирање, ја тужи Русија за „тешки повреди на неговите имотни права“, објави неговата холдинг компанија System Capital Management (СЦМ), пренесува Ројтерс.

Во соопштението на СЦМ се вели дека Ахметов бара и судски налог за „да се спречи Русија да продолжи да спроведува блокади, грабежи, пренасочувања и уништување на житото и челикот“ произведени од неговите компании.

„Злото не смее да остане неказнето. Руските злосторства против Украина и нашиот народ се еклатантни и оние кои се виновни за нив мора да бидат повикани на одговорност“, вели Ахметов, според компанијата.

Тој додава дека „грабежот на украинската извозна стока, вклучително и житото и челикот, веќе резултираше со пораст на цените и со гладување на луѓето ширум светот“, и дека, како што рече, „овие варварски акции мора да се прекинат и Русија мора да плати се’“.

На прашањето за тужбата на Ахметов, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека Русија повеќе не е под јурисдикција на Европскиот суд за човекови права.

„Ја напуштивме (надлежноста) на соодветните документи. Значи, одговорот на ова е апсолутно очигледен“, рече тој, според Ројтерс.

Според магазинот Форбс, нето богатството на Ахметов изнесувало 15,4 милијарди долари во 2013 година, но неговата деловна империја оттогаш ги трпела последиците од повеќегодишните борби меѓу проруските сепаратисти во источна Украина, како и од последиците од воената акција на Москва во таа земја што започна на 24 февруари годинава.

Ахметов минатиот месец објави дека неговата компанија Метинвест, најголемиот украински производител на челик, претрпе загуба од 17 до 20 милијарди долари поради руското бомбардирање на нејзината фабрика за челик во Мариупол. Конечната сума ќе биде одредена во тужбата, рече тој.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот