Банкноти со ликот на Трамп како рекламен материјал - Фотографија ЕПА, Џим Ло Скалцо

Најбогатиот човек во светот ќе решава кој во Америка ќе биде богат, а кој сиромав

Извршната гранка треба да биде под команда на претседателот. Федералните резерви се еден од многуте примери како застранивме од Уставот. Уште една причина зошто треба да ги укинеме Фед, забележал сенаторот Ли, а споделил идниот виш советник Маск

Не само Американците, туку и Федералните резерви на САД, кои ја диктираат финансиската политика, стравуваа од шокови ако Доналд Трамп биде избран за претседател. Згора на сѐ, сега тие ќе си имаат проблеми и со Илон Маск, најбогатиот човек во светот, кој во администрацијата на Трамп ќе биде задолжен за кастрење на „вишокот“ трошоци.

Два месеца пред официјалното предавање на власта, особено впечатлива е реакцијата на Маск, кој ја пофали и ја сподели објавата на републиканскиот сенатор Мајк Ли, дека „Федералните резерви треба да бидат укинати“.

– Извршната гранка треба да биде под команда на претседателот. Федералните резерви се еден од многуте примери како застранивме од Уставот. Уште една причина зошто треба да ги укинеме Фед – забележал Ли, а споделил Маск.

Керолајн Ливит, претставничка за транзиција на победникот на изборите, одби да даде коментар за ова прашање, истакнувајќи дека „политиката ќе биде официјална кога ќе дојде директно од претседателот Трамп“.

И порано имало повици за укинување на Фед. Поранешниот конгресмен Рон Пол, кој трипати учествувал во претседателска трка, во 2009 година објавил книга „Укинете ги Фед“. Републиканскиот конгресмен Томас Меси заедно со сенаторот Ли во јуни годинава предложија закони за искоренување на Федералните резерви како централна банка на САД и префрлање на одговорностите кон Министерството за финансии, кое е под команда на претседателот.

Илон Маск – Фотографија ЕПА, Сара Џенесел

Трамп досега не изразил поддршка на иницијативите за укинување на Федералните резерви. Тој, сепак, во кампањата се залагаше за „промена на правилата“, што беше критикувано од многумина економисти.

– Американскиот народ го реизбра претседателот Трамп со огромна разлика, давајќи му мандат да ги спроведува ветувањата што ги даде во кампањата. Тој ќе испорача – изјави за ова прашање, како и за многу други во изминатата недела, портпаролката Ливит.

Мандатот на Фед

Федералниот систем на резерви бил создаден со специјален закон во 1913 година, кога по низата финансиски паники се создала потреба да се централизира монетарниот систем. Со секоја криза како Големата депресија пред еден век или Големата рецесија пред дваесетина години, јакнеле улогата и одговорноста на Федералните резерви. Дефинирани се три главни цели на монетарната политика: максимализирање на вработеноста, стабилизирање на цените и управување со долгорочните каматни стапки. Федералните резерви денес се задолжени и за надгледување и регулирање на работата на банките и за одржување на стабилноста на финансискиот систем.

Со Федералните резерви управува Одбор на гувернери, назначени од претседателот, а 12-те регионални федерални банки ги регулираат и ги надгледуваат комерцијалните банки во приватна сопственост.

Впечатливо за американскиот систем е тоа што Федералните резерви контролираат колку пари треба да бидат во оптек, диктирајќи ги каматните стапки и интервенирајќи на пазарите на пари. За печатењето пари и монети се одговорни две агенции во надлежност на националниот трезор, но во рамките поставени од Фед.

Трамп ветуваше дека како претседател „значително“ ќе ги намали каматните стапки. Тоа прашање по Втората светска војна е одговорност на Централната банка, заради обезбедување максимална вработеност и стабилноста на цените. Федералните резерви, согласно мандатот добиен од Конгресот, дејствуваат како независно тело, отпорно на какво било политичко влијание. Многу пати досега одлуките на Фед за намалување или за зголемување на каматните стапки не се поклопувале со политиката на владејачката администрација ниту биле популарни, но Централната банка настојува да обезбеди долгорочна економска стабилност. Пример за тоа е неодамнешната одлука на Федералните резерви да ги одбие притисоците за намалување на каматните стапки и да ги задржи рекордните.

Њујоршката берза ја очекуваат шокови – Фото ЕПА, Џастин Лејн

Трамп во кампањата инсистираше главните банкари во Фед да се консултираат со него за каматните стапки, што се толкува како притисок да ја наметне својата волја. Во времето на првиот мандат Трамп се закануваше дека ќе го разреши претседавачот на Федералните резерви Џером Пауел, кого го обвинуваше дека ги задржува каматните стапки „превисоки“.
На новинарско прашање дали стравува дека Трамп би го разрешил во вториот мандат, Пауел кратко одговорил дека „претседателот нема законско право да го направи тоа“.
Во Законот за федерални резерви од пред еден век е наведено дека шефот на Централната банка може да биде разрешен само „со причина“, но таа одредба не е прецизно дефинирана и е оставена за спротивставени толкувања.

Улогата на Маск и Рамасвами

Ако некој некогаш бил во позиција да ги отфрли Федералните резерви, тоа сега е Трамп, поддржан од републиканско мнозинство во Сенатот и веројатно во Претставничкиот дом, како и од мнозинството судии назначени од него во Уставниот суд.

Партнер во притисокот на Трамп ќе му биде милијардерот Илон Маск, кој доцна се вклучи со финансиска инјекција во неговата кампања и веќе се претставува како клучниот фактор за победата на изборите. Маск во новата администрација ќе биде на челото на нова комисија задолжена за „кастрење“ на трошоци за разбивање на бирократијата. Прв соработник на Маск ќе му биде Вивек Рамасвами, инвеститор во биотехнологија, кој водеше маргинална сопствена кампања за претседател. Трамп објасни дека Маск и Рамасвами ќе имаат статус на „советници“ и дека нивната комисија нема да биде официјално министерство.

Вивек Рамасвами – Фотографија ЕПА, Шон Тју

Полуофицијални комисии имало и во поранешни администрации. Тие треба да бидат одобрени од Конгресот и вообичаено имаат персонал од неколку илјади службеници. Целта на комисијата ДОГЕ, според Трамп, ќе биде „разбивање на владината бирократија, бришење на непотребните регулативи, скратување на трошоците и реструктуирање на федералните агенции“. Трамп ја споредува важноста на новата агенција со проектот „Менхетн“ за конструкција на атомската бомба и тврди дека „Маск и Рамасвами ќе ја завршат својата работа до 4 Јули“ во 2026 година, до кога треба да се скастрат 2.000 милијарди долари, односно дури една третина од буџетот.

– Ова ќе предизвика шокови во системот, особено за сите вклучени во недомаќинско работење во владата, што се многу луѓе – истакна неодамна Маск.

На критиките дека кастрењето ќе биде „закана за демократијата“, тој одговори дека тоа ќе биде „закана за бирократијата“.

Маск се покажа како „кастрач на трошоци“ кога ја купи социјалната платформа „Твитер“, каде што веднаш отпушти многумина вработени, вклучувајќи и на високи позиции. Многумина инженери, експерти и долгогодишни работници самите си заминаа.

Рамасвами, пак, ја поддржа најавата на Трамп на социјалните мрежи „нема да бидеме нежни“. Кога тој водеше кампања за претседател најавуваше дека „ќе отпушти 75 отсто од вработените во федералните служби“ и дека „ќе затвори неколку големи агенции, вклучувајќи ги Федералното биро за истраги, Министерството за образование и Бирото за алкохол, тутун, огнено оружје и експлозиви.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот