Фото: Слободен печат

Најавениот парк во Ново Лисиче цела година чека да зазелени

Изградбата на паркот не само што не почна пред една година, туку до денес е само прекопан просторот, покрај кој е поставен еден мобилен тоалет и толку, па жителите реагираат дека и покрај ветувањето, ништо не се работи, а наместо зеленило пред себе имаат само земја и прашина.

Во близина на трговскиот центар „Лиса“ во Ново Лисиче, на парцелите каде што минатата година Општина Аеродром избриша две градежни маркички, наредната недела треба да почне изградба на нов парк, извести пред една година градоначалникот Тимчо Муцунски.

Изградбата на паркот не само што не почна после една недела, туку до денес е само прекопан просторот, покрај кој е поставен еден мобилен тоалет и толку. Жителите од околните згради, велат дека и покрај ветувањето ништо не се работи, а наместо зеленило пред себе имаат само земја и прашина.

Уште пред една година требаше да почне да се прави паркот, ама само прекопана земја е оставена. Еве сега најавија дека ќе се прави нов парк на влезот на Лисиче, па да видиме дали и него ќе го снајде истата судбина како овој или не. Потребно ни е зеленило, потребен ни е парк, и ние сакаме да живееме во убаво уредена околина. Можеби ќе се сетат од Општината дека тука нешто „заборавиле“ да направат – вели жител на Ново Лисиче.

Фото: Слободен печат

Од Општина Аеродром објаснуваат дека изведбата трае подолго затоа што во реализацијата се вклучени повеќе партнери, но дека сепак се работи, а следниот месец ќе се изведуваат и пешачки патеки.

Во делот на паркот кај „Лиса“, познат како парк „Радост“, постапката за негова изведба трае подолго од вообичаено, затоа што во целосното реализирање на проектот се вклучени повеќе партнери и тоа дополнително влијае врз неговото пролонгирање. Инаку, досега завршен е ископот на земјените работи, поставена е хидрантска мрежа, а во моментов се поставуваат електричните инсталации. Во текот на следниот месец ќе почне изведбата на пешачките патеки, по чие завршување ќе се пристапи кон хортикултурно уредување на просторот и засадување на зелени садници – велат од Аеродром.

Од Општината очекуваат до крајот на пролетта да заврши изведбата на паркот „Радост“, со што граѓаните ќе добијат нов зелен простор за одмор и релаксација.

На овој простор што ќе се пренамени во парковска површина беа предвидени парцели со маркички за изградба на станбени и деловни објекти на државно земјиште, кои Општината ги избриша.

Општина Аеродром е прва општина што избриша маркички за изградба на згради, а на тоа место наскоро почнува изградбата на нов, модерен парк, на површина од 5.700 квадратни метри – рече Муцунски.

Фото: Слободен печат

Изградбата на новиот парк треба да биде финансирана со средства од општинскиот буџет, а ќе се реализира во партнерство со општествено одговорни компании што се грижат за животната средина.

На просторот во Ново Лисиче каде што беа избришани две градежни маркички, ќе се гради парк

Деновиве од Општината најавија дека почнуваат со реализација на уште еден парк, но на друга локација, поточно на влезот на населбата Лисиче, покрај булеварот Февруарски поход. Според нив, до крајот на следниот месец Аеродром ќе добие нов простор што ќе биде целосно уреден со зеленило и урбана опрема и каде што ќе биде поставено македонското знаме.

Работата за уредување на оваа површина ги изведуваat општинското Јавно претпријатие за комунални дејности и Општина Аеродром.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот