
Награда за хаику: Прво место за Александар Прокопиев
Македонскиот писател и мајстор за хаику, Александар Прокопиев, ја доби првата награда на 4-иот меѓународен хаику конкурс „Радмила Богојевиќ“ во Србија. Конкурсот бил организиран од страна на книжевникот Дејан Богојевиќ, учество земале дури 214 автори на хаику од 33 држави од светот.
Препорачано
Меѓународното жири кое одлучувало за наградите било во состав: Душан Стојковиќ (Србија), Ранко Павловиќ (Босна и Херцеговина), Аленка Зорман (Словенија) и Нелица Ивановиќ Радовиќ (Црна Гора). Втората награда на конкурсот ја поделиле две авторки: Ан Каран од Нов Зеланд и Зои Савина од Грција, додека третата награда ја поделиле Дитмар Таухнер од Австрија, Драган Ристиќ од Србија и Вандана Парашар од Индија.
Тука го објавуваме награденото хаику на Александар Прокопиев:
„Со грб на езеро
пребарува мејлови.
Странец на одмор.“
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 45, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-23 август 2020)