
Нафтата ја задржува цената во очекување на примирјето меѓу Израел и Хамас
Цените на нафтата денеска беа главно непроменети во азиската трговија, бидејќи инвеститорите ја следеа блискоисточната турнеја на американскиот државен секретар Ентони Блинкен, која започна вчера, за време на која тој ќе разговара за можноста за примирје меѓу Израел и Хамас, објави Ројтерс.
Препорачано
Северноморските фјучерси на брент, кои се репер на европскиот пазар, паднаа за 2 центи на 77,97 долари за барел. Американската лесна сурова нафта загуби 3 центи на 72,75 долари за барел. Двете сорти вчера поскапеа околу еден процент, а поскапувањето беше прво по четири сесии на тргување.
Вчера Блинкен се сретна со престолонаследникот и де факто владетел на Саудиска Арабија, принцот Мохамед бин Салман, додека Палестинците се надеваат дека ќе постигнат примирје пред Израел да го нападне пограничниот град Рафах, каде што во моментов се засолнети половина од жителите на Појасот Газа.
Предлогот за примирје претставен минатата недела од катарските и египетските посредници чека одговор од Хамас, кој, сепак, сака повеќе гаранции за ставање крај на четиримесечниот конфликт. Во исто време, САД ја продолжуваат својата кампања против јеменските Хути, чии напади во Црвеното Море ја загрозуваат глобалната трговија.