Фото: Слободен печат, Васка М. Младеновска

Над илјада учесници на „Илинденски денови“ – фестивал што половина век ги негува фолклорот и традицијата

Под мотото „Уметноста на традицијата“ и филмскиот фестивал на етнографски филмови, утре во Битола ќе започне 54. издание на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ во организација на Центарот за култура-Битола.

На Фестивалот што ќе трае 13 дена, ќе гостуваат 1.200 игроорци од Македонија, Романија, Боливија, Јужна Кореја, Северен Кипар, Мексико, Турција, Србија, Америка …

Мисијата и целта на фестивалот е традицијата, како нешто што се негува повеќе од половина век и претставува исклучителна вредност.

– Фестивалот „Илинденски денови“ е еден од најатрактивните и најголемите фестивали во нашата земја кој широко ги отвора вратите за светот и за домашните групи коишто го негуваат фолклорот и традицијата. Цела Битола ќе биде претворена во една голема сцена каде што групите ќе танцуваат во Старата битолска чаршија, преку Широк Сокак до платото на Офицерскиот дом и секое ќоше од Битола ќе биде исполнето со шаренило од традиционални облеки, прекрасни традиционални звуци, како и фолклор што навистина вреди да се погледне. Тенденцијата ни е Фестивалот да расти и да биде рамо до рамо со фестивалите на ЦИОФФ под УНЕСКО и му даваме шанса на младите уметници да се изразат, бидејќи токму традицијата е нешто што не отсликува. На наше задоволство „Илинденски денови“ се занимава и со научна дејност, тука е научно стручната конференција која годинава ќе донесе еминентни гости од Европа, како и концертите на КУД „Илинден“, „Танец“, промоција на монографија, ревија на дизајнерска женска облека инспирирана од народната носија и голем број настани што ќе бидат дел од годинашното издание. Новина е и фестивалскиот караван што ќе биде во општините Новаци, Могила и Демир Хисар-најави на денешната прес-конференција – директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска-Илијевски.

Зборувајќи за третото издание на Интернационалниот филмски фестивал на етнографски филмови, селекторот Тони Гламчевски истакна дека тешка задача било да се изберат 40 етнографски филмови од вкупно 2681 колку што аплицирале.

-Мојата желба како селектор е да останам верен на традицијата на „Илинденски денови“, на прикажување на изворното, на тоа што во моментот исчезнува насекаде во светот, бидејќи сме сведоци на една глобализација, што не ги поштедува ниту најоддалечените краеви на нашата планета. Идејата ни е да се долови тој филмографски квалитет. Годинава се појавија филмови во кои се раскажува, како се пренесува традицијата на изработка на инструменти, или на свирење на инструменти од Мароко преку Иран и опфатени се повеќе земји, бидејќи годинава добивме огромен број на филмови од Иран и од Индија – рече Гламчевски.

Валентин Соклевски програмски селектор на Фестивалот рече дека „Илинденски денови“ е фестивал над фестивалите, чувар на традицијата и народната култура.

-Целта е фестивалот да му биде инспирација на илјадници дечиња коишто ќе играат, пеат, творат музика и ќе се посветат на традиционалните корени и ќе цутат во иднината со својата младост и творештво. Морам да ја изразам мојата почит кон директорката на Центарот за култура Маја Андоновска-Илијевски за сето она што последните години му го подари на Фестивалот, направи врски што се нераскинливи во оваа уметничка област – рече Соклевски.

Покровител на Фестивалот „Илинденски денови“ е Собранието на Република Северна Македонија, а финансиски е поддржан од Министерството за култура, Општина Битола, и други спонзори и поддржувачи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!