
Над 60 партии добиваат пари од буџетот, а јавноста не знае ни дека постојат, анализира „Независни за Карпош“
Во држава која важи за сиромашна, задолжена и со масовна емиграција, политичките партии добиваат милиони евра од нашиот буџет — без никаква гаранција за резултати, отчетност или реална корист за граѓаните објавија од иницијативата „Независни за Карпош“ за парите кои се одвојуваат од буџетот за партиите.
Препорачано
Според Законот за финансирање на политички партии, државата издвојува 0,15% од вкупните изворни приходи на буџетот. Од таа сума, 30% се делат рамномерно на сите партии што освоиле најмалку 1% од гласовите, а 70% се распределуваат пропорционално според бројот на пратеници и советници.
– Големите партии добиваат најмногу, но многу мали партии добиваат значителни суми, иако немаат реална политичка тежина. Системот овозможува финансиско опстојување на мали партии, што може да биде начин за контрола на гласачкото тело и одржување на статус-кво. Над 60 партии добиле пари. Најголем дел од нив немаат ниту еден пратеник или советник, а за голем број јавноста и не знае дека постојат. А парите се наши — од даноци, од кредити, од иднината – велат од Иницијативата.
Нивната анализа покажува дека токму овој модел создава систем на „платено постоење“, бидејќи многу мали партии со само неколку десетици гласови добиваат пари од државата. Како пример се наведува Општина Ранковце, каде што партијата Интегра со само 43 гласа или 1,93% влегла во групата за финансирање, како и Општина Демир Капија, каде Единствена Македонија со 37 гласа (1,5%) го исполнила условот.
– Големите партии добиваат најмногу, но многу мали партии опстојуваат финансиски, иако немаат ниту реална политичка тежина, ниту препознатливост во јавноста. Над 60 партии земале пари, а најголем дел од нив немаат пратеник или советник – велат од Независни за Карпош, оценувајќи дека ова е модел на одржување на статус-кво и купување на влијание.
Предлагаат целосно укинување на државното финансирање за локални избори, а за парламентарни да остане само скромен износ – во висина на три просечни плати по освоен пратеник.
-За 120 пратеници годишно би се издвојувале околу 150 илјади евра, или 100 илјади ако бројот се намали на 90, што е драстично помалку од планираните 8,3 милиони евра за 2025 година – додаваат од иницијативата.