
Над 400 приватни специјализанти стапија во штрајк за повисок надомест и решавање на статусот
Над 400 приватни специјализанти утрово стапија во генерален штрајк и не ги извршуваат работните обврски на скопските клиники и останатите болници и амбуланти низ државава. Тие бараат зголемување на надоместот што им се исплаќа во изнес од 26 илјади денари, на ниво на просечна плата на доктор во јавна здравствена установа, здравствено осигурување, како и решавање на статусот што сега им е со договор на дело. Штрајкот ќе го прекинат, како што најавија, само доколку добијат писмена гаранција за исполнување на барањата.
Препорачано
– За жал, се решивме на овој чекор бидејќи Министерството за здравство нема слух за решавање на нашите проблеми, изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина, трета година.
Таа потсети дека по протестот во март, имале средба со министерот за здравство на која им било ветено дека нивните барања ќе се најдат на седница на Влада, но дека засега немаат никаков одговор.
Како што соопшти Илиоска Чешлароска, добиле повик од претставник во Министерството за здравство и им било кажано дека денеска во 14 часот ќе се одржи средба во Влада.
-Петмина наши претставници ќе бидат на таа средба, но, немаме информација кој се ќе присуствува и дали ќе бидат прифатени нашите барања. Штрајкот продолжува, се додека не добиеме писмена официјална гаранција дека барањата ќе бидат исполнети, нагласи Илиоска Чешлароска.
Тамара Пејоска, специјализант на пластична и реконструктивна хирургија, прва година, рече дека работно максимално се посветуваат, а се ставени во разочарувачка деградирачка позиција.
На протестот беше посочено дека специјализантите се принудени да се лекуваат приватно, а во текот на породилното отсуство им се укинува надоместокот од 26.000 денари.
-Лично ми се случи да си ја платам инфузијата од 1.000 денари на Инфективна клиника приватно затоа што не сум здравствено осигурана. Нашиот статус никако не е решен, без разлика на нашето издвоено време и колку жртви имаме направено, изјави Тамара Пејоска, специјализант на пластична хирургија.
Приватните специјализанти порачаа дека имаат желба да останат во државата, да работат и да се грижат за пациентите.