
Националната галерија го претстави проектот што ќе оди во Венеција
Проектот „Landscape experience“ на уметничкиот пар Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, предложен од Националната галерија, е македонскиот претставник на 59. Уметничко биенале во Венеција.
Препорачано
Kомесар на претставувањето е д-р Дита Старова-Ќерими, директорка на НУ Национална галерија на РСМ, куратори се м-р Ана Франговска, виш кустос во Националната галерија и д-р Сања Којиќ-Младенов, кустос советник во Музејот на современата уметност во Нови Сад, Србија. Павилјонот е сместен во „Скуола деи ланери“, а инаугурацијата е закажана за 22 април, во 18 часот.
„Landscape experience“ на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска е мултимедијален проект што вклучува видео инсталации, објекти и фотографии. „Естетиката“ на напуштените (запуштени) пејзажи, ставени во нов контекст, со нови слоеви на транскрипција на диспозитивите живот-смрт, убаво-грдо, витално-отровно се во фокусот на овој проект.
На критичко-дискурзивен начин авторите укажуваат на опасностите што демнат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски), во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.
На прес-конференцијата, што се одржа на 7 април во Чифте амам, присуствуваа авторскиот и кураторскиот тим на проектот, а своја поддршка дадоа и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека проектот во наредниве неколку месеци „ќе биде нашата слика пред светот“, како и амбасадорот на Италија во Република Северна Македонија, Н.Е. Андреа Силвестри, кој зборуваше за историјатот на Биеналето, за неговото значење во светски рамки, но и за влијанијата што ги трпи во одредени околности. „Некогаш Биеналето е израз, а некогаш е жртва на одредени трендови и настани во општеството“, посочи Силвестри.
Претставничката на жирито што одлучи својот глас да го даде за проектот на Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, ликовната уметница Дијана Томиќ-Радевска објасни дека проектот имал најсериозен пристап на темата „Млеко од соништата“, зададена од кураторката на Биеналето, Сесилија Алемани. Македонското претставување во Венеција е поддржано од Министерството за култура со 4.200.000 денари.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 124, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 9-10 април 2022)