
„Национална републиканска армија“ презеде одговорност за убиството на блогерот: „Спроведовме акција против злосторникот Татарски“
Рускиот портал „Медуза“ објави дека организацијата Национална републиканска армија (НРА) презеде одговорност за убиството на блогерот Владлен Татарски.
Препорачано
„Организиравме и спроведовме акција на 2 април 2023 година, против група З-активисти и лично против познатиот воин и воен пропагандист, воениот злосторник Максим Фомин, познат како Владлен Татарски. Овој чин го подготвивме и го извршивме самостојно и немаме никаква поврзаност ниту сме добиле помош од странски структури ниту од специјални служби“, се наведува во пораката објавена од НРА.
Организацијата тврди дека нивната акција не била насочена против „мирните цивили“ и дека сите жртви на нападот биле поддржувачи на руската војна против Украина.
НРА ги повика руските активисти за човекови права да и помогнат на Дарија Трепова, за која властите се сомневаат дека го извршила нападот. Тие, исто така, ги повикаа Русите да се спротивстават на режимот во Кремљ на сите нивоа, „до негово целосно уништување“.
НРА претходно презеде одговорност и за убиството на Дарија Дугина, ќерка на идеологот Александар Дугин.
Окружниот суд во Москва претходно го одобри барањето на Обвинителството за притвор на Трепова, која беше приведена по експлозијата во која беше убиен Татарски. Трепова се товари за тероризам и недозволено тргување со експлозив. Таа во притвор ќе биде до 2 јуни.
Според истрагата, Трепова пред три дена, по инструкции на лица кои оперираат од територијата на Украина, однела статуетка наполнета со експлозив во кафуле во центарот на Санкт Петербург и му ја дала на воениот блогер Максим Фомин, познат под псевдонимот Владлен Татарски. Како резултат на експлозијата која се случи, Фомин почина, а повеќе од 30 луѓе беа повредени.
Инаку последните моменти на рускиот блогер Владлен Татарски, кој беше убиен во Санкт Петербург минатата недела, се снимени од безбедносните камери на внатрешноста на кафулето каде што се случи смртоносната експлозија, за време на неговиот говор.
A new, longer video of the moments before Vladlen Tatarsky’s death has surfaced on Russian social media pic.twitter.com/AgNUQ6yvDF
— Francis Scarr (@francis_scarr) April 3, 2023
Во видеата од последните моменти на Татарски се појавува и самата Трепова, која блогерот ја кани да седне покрај бината, нарекувајќи ја „Настија“, името со кое се вели дека се претставувала.
ВИДЕО | Моменти пред да се активира бомбата од која загина рускиот блогер Татарски