Национален лидер или етнички подбуцнувач!

Никола Тодоров. / Фото: Архива на Слободен печат

Македонија во овој момент е „рашрафена“ држава, со полуфункционални институции. Крајно време е да ни се претстави нова, модерна визија за нашата држава, ослободена од национализам, етнички поделби и нечесност.

Нема да правиме коалиција со партија што нема да се согласи да се направи брза железница што ќе го поврзува Скопје со Солун, Софија, Белград, Тирана и Приштина. Нема да правиме коалиција со партија што нема да се согласи да се стави мораториум на вработувања во јавниот сектор. Нема да правиме коалиција со партија што нема да се согласи да се изгради проектот Вардарска долина, со цел Вардар да стане пловен и да се изградат 12 нови хидроцентрали кои ќе може да произведат до 1.400 гигават-часови електрична енергија годишно и Македонија од увозник да стане извозник на струја.
Е, ова е нормална позиција што сакам да ја слушнам за време на оваа кампања. За жал, наместо овој пристап, повторно, заглавени во минатото и сопствените фрустрации, партиите на Албанците во Македонија основата на својата изборна платформа ја темелат на рециклиран предлог: претседателот да се бира во Собрание, и тоа со Бадентер. Во спротивно немало да прават коалиција со партија што ова нема да го прифати. Ми личи како да не можат да пораснат и да ги надминат сеништата од минатото. После 32 години независност, наместо да се реформираат, ребрендираат и да излезат од одамна надминатиот и анахрон-балкански националистички филм, па да почнат да се занимаваат со реалните проблеми и предизвици на граѓаните во овој нов, пост-ковид свет на вештачка интелигенција, тие повторно ни продаваат приказни од 80-тите и 90-тите години. Тоа се години на одлична и, би рекол, ненадмината музика, и по тоа на нив треба да се сеќаваме, а не денес во оваа ера, во која нормалниот свет разговара за „longevity“ уште да живееме во светот на етнички поделби и бариери. Демек, се разбивала бариерата дека нема позиција која е недостапна за Албанците. Како да не! Ова е само еден обичен пи-ар, смислен набрзина и во немоќ, без да се размисли за последиците што со тоа можат да се предизвикаат. Ништо повеќе.

Сетете се на Имер Селмани

Еве, ја направивме државната кардиохирургија со доктор-хирург Албанец. Ниту прашав што е по националност, ниту ме интересираше. Човекот е европски, ако не и светски познат и признат стручњак и тотално неважно ми е дали е Македонец, Албанец, Турчин, Германец или што било. И, веднаш да ви кажам, ако можел да биде еден од основоположниците на македонската државна кардиохирургија, зошто да не може да биде и претседател на мојата, на нашата држава! Немам никаков проблем со тоа, но не дека е Албанец, туку дека е квалитетен. Барам квалитет, а не национална припадност за претседател на државава. Преку глава ми е од овие етнички клучеви. Сè по клуч. Така беше во Југославија, за на крај да ѝ ставивме клуч на врата на државата.
Да ве потсетам дека Имер Селмани зема огромен број македонски гласови кога се кандидираше за претседател. Без никој да побара од кој било партиски штаб од која било македонска партија, нивните членови да гласаат за Имер. Онака слободно, без каков било партиски притисок или насочување, огромен број Македонци одлучија, во конкуренција со други кандидати Македонци, довербата, наместо на Македонец, да му ја дадат на Имер Селмани. Значи ова табу, оваа бариера одамна е разбиена, па јасно е дека пи-арот треба да нè убеди дека разбиената бариера не е доволно разбиена и треба повторно да се доразбие, и притоа да се запамети кој е тој што тоа го прави, па нормално, потоа да се гласа за него. Ова не е ништо повеќе од онаа легендарна К-15 фраза „Собраме се овде да гласате за мене“.

„Рашрафена“ држава

Замислете на оваа изборна уцена, некоја голема македонска партија да одговори со паролата „Дојде време за прва влада без албанска партија“. Едните ќе докажуваат кој е поголем Албанец, другите кој е поголем Македонец, а светот за тоа време ќе ја усовршува вештачката интелигенција. А кај нас народот ќе си се дели, ќе си продолжиме да живееме едни покрај други, сè додека и последниот не се исели. Но, најлошото, народот ќе биде заблуден, а некои политичари ќе бидат побогати. Нели е очигледно веќе дека додека го замајуваат народот да гледа на една страна, тие на другата страна ќе грабаат. За жал, на ова се сведува и тоа е суштината на целата оваа работата. Сè друго е пи-ар за држење во заблуда!
Затоа, ве молам, пораснете! Дајте да слушнеме нешто нормално, нешто модерно, нешто што не сме виделе. Национализам и етноромантизам сме се изнагледале и не сме се офајдиле.
Република Северна Македонија е членка на НАТО. Сè уште имаме некаква шанса да станеме и членка на ЕУ. Но, за жал, во овој момент е и „рашрафена” држава, со полуфункционални институции, вработувања по етнички клуч, држава на етничка и партиска поделеност и епска корупција. Крајно време е да ни се престави нова, модерна визија за нашата држава, ослободена од национализам, етнички поделби и нечесност. Визија на национален лидер, а не етнички подбуцнувач!

Преземено од Дојче Веле

(Авторот е политичар и правник )

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот