
На Венди Вилијамс ѝ е дијагностицирана афазија и деменција, состојбата со која се соочува и Брус Вилис
На познатата американска водителка Венди Вилијамс (59) ѝ е дијагностицирана фронтотемпорална деменција, како и афазија, објави нејзиниот тим.
Препорачано
„Како што знаат обожавателите на Венди, таа во минатото беше отворена за нејзините медицински борби со Грејвсовата болест и лимфедемот, како и за други значајни здравствени предизвици“, напишаа тие, објаснувајќи дека Вилијамс била подложена на серија тестови во 2023 година, откако меморијата почнала да ѝ слабее, имала потешкотии да зборува и се однесувала чудно.
Лекарите заклучиле дека борбите на Вилијамс биле предизвикани од овие невродегенеративни болести.
„Дијагнозата ќе ѝ овозможи на Венди да ја добие соодветната медицинска нега“, се вели во соопштението.
„Одлуката да се сподели оваа вест беше тешка и беше донесена по внимателно разгледување, не само да се има разбирање и сочувство за Венди, туку и да се подигне свеста за афазијата и фронтотемпоралната деменција и да се поддржат илјадниците други кои се соочуваат со слични околности“, додаваат тие.
Да потсетиме, фронтотемпорална деменција (ФТД) ги зафаќа личноста, однесувањето и обично јазичната функција (синтакса и флуентност) повеќе, а меморијата помалку од Алцхајмеровата болест. Апстрактното размислување и вниманието (одржување и пренасочување) се оштетени, одговорите се дезорганизирани. Ориентацијата е зачувана, но потсетувањето може да биде нарушено. Моторичките вештини се главно зачувани. Болните имаат тешкотии да ги завршат задачите по одреден редослед, иако видно-просторните и конструкциските задачи се помалку погодени, пишува МСД.
Како што е познато, и холивудскиот актер Брус Вилис се соочува со истата дијагноза.