улица козара /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

На улицата Козара постојано се тропа, се гради и бучи, нема ни воздух ни мир

Пораснав во куќа и детство во кое рацете ми беа во трева, ливада и земја, со летно кршење лешници од огромните дрвја, ни беше мерак да станеме наутро од музиката на птиците што живееја на нив. Денеска ги нема затоа што единствено нешто што го слушам од прозорецот е тропање, бучава и брмчење – вели Ведрана Стојановска, која живее на Козара.

Улицата Козара во Капиштец е една од центарските улици, која во изминатите десетина и повеќе години од мирна улица со семејни куќи и големи дворови, прерасна во хаотична улица со згради од пет до седум ката, наредени една до друга од двете страни. Овие објекти го одзедоа и воздухот и мирот во населбата, па дури и тротоарите, а што е најстрашно, не престанува изградбата на нови згради во должина на тесната улица, каде и во моментов има неколку градилишта.

Деновиве до нашата редакција реагираше жителка на оваа улица, која објаснува како изгледа да се живее таму. Во отворено писмо до медиумите и до надлежните институции, Ведрана Стојановска посочува дека веќе неколку години ѝ е одземен воздухот и нејзе и на соседите, од кои некои ги продале своите маалски куќи за компензација од неколку станови, па сега живеат во уништена животна средина.

улица козара /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Но, не се толку виновни тие, колку што сте виновни вие што наводно ви се врзани рацете пред приватните инвеститори и давате одобрение на материјалисти за градење секаде, поради што ја уништивте целата зелена околина, птици, мир, хармонија и дрвја што сега ги нема. Јас пораснав во куќа и детство во кое рацете ми беа во трева, ливада и земја, со летно кршење лешници од огромните дрвја, ни беше мерак да станеме наутро од музиката на птиците што живееја на нив. Денеска ги нема затоа што единствено нешто што го слушам од прозорецот е тропање, бучава и брмчење – вели Стојановска.

Таа раскажува дека до пред две години пред нејзиниот дом имала пет огромни дрвја, кои денес ги нема поради новоизградена зграда.

Во однос на непрекинатата изградба на нови згради на оваа улица, Стојановска тврди дека секој работен ден, но и во сабота се чука, брмчи и се гради постојано, што особено тешко ѝ паѓа поради тоа што работи од дома.

улица козара /Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Како што посочува Стојановска, за ова се обратила и во Градежниот инспекторат и во Трудова инспекција и во други институции, кои само ја препраќале од еден на друг. Како што вели таа, иста е ситуацијата низ цел град, луѓето немаат никаде мир и апелира да се спречат изградби на нови згради со кои, според неа, „се перат тешки пари“.

Трета среќа за Козара: Ќе биде ли успешно најновото асфалтирање на улицата?

Козара и овој дел од Капиштец се во опфатот на најголемиот Детален урбанистички план Ј07 во општина Центар, каде што припаѓаат и локациите Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило, Цвеќара и кој пред една година е укинат од Уставниот суд, поради неправилности при неговото донесување. Сега за овој простор и за овие населби нема важечки ДУП, што значи дека до донесување на новиот, нема да се издаваат градежни дозволи. За објектите што сега се градат на улицата, дозволите се издадени пред укинување на планот.

Од Општина Центар очекуваме одговор до каде е подготовката на новиот ДУП, без кој голем број граѓани не можат да преземаат никакви градежни активности. Можеби со новиот план ќе се оневозможи незапирливото издигнување згради на местото на постојните куќи во овие населби.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот