Парно радијатори за греење / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

На стартот на грејната сезона 105 објекти ќе останат без парно, меѓу нив училиште, градинка и факултети

Поради дефекти на радијаторите, оневозможен пристап на екипите за да се отстранат дефекти на топлинските станици или поради немање струја во потстаниците, дури 105 објекти во Скопје нема да имаат парно на 15 октомври кога официјално стартува грејната сезона. Меѓу нив, освен станбени згради се и ОУ „Петар Поп Арсов“, градинката „Срничка“, Педагошка академија, Машински факултет, Општина Кисела Вода, ТЦ „Алуминка“ и други. Оваа состојба се повторува на почетокот на секоја грејна сезона, кога поради дефект во еден стан студени остануваат домовите во цели згради, затоа што сопствениците навреме не си ги отстрануваат дефектите. Годинава, поради неангажираност на институциите во студени занимални и училници ќе престојуваат деца, ученици и студенти.

Од ЕЛЕМ апелираат до потрошувачите, заедниците на сопственици и управителите да ги обезбедат потребните услови за непречена испорака на топлинска енергија во објектите по почетокот на грејната сезона.

Соработката од страна на потрошувачите и заедниците на сопственици е во интерес на сите страни за да се обезбеди навременa и квалитетна испорака на топлинската енергија. Во моментов во околу 105 објекти (што претставува околу 3,7% од вкупниот број на мерни места) сè уште не се обезбедени бараните услови, односно имаат дефекти во внатрешната грејна инсталација, оневозможен е пристап на екипите на компанијата до топлинските станици или немаат електрична енергија во топлинските станици – информираат од компанијата.

Сопствениците, управителите и заедниците на сопственици, доколку сакаат нивниот објект да има греење, треба во најкус можен рок да ги отстранат дефектите на радијаторите, затоа што нивна одговорност е одржувањето на внатрешната грејна инсталација. Потоа, тоа треба да го пријават во Центарот за грижа за потрошувачи, за нивната зграда повторно да добие парно греење. Исто така, неопходно е да се овозможи и непречен пристап на екипите на компанијата до потстаницата на објектот,  доколку таму е настанат проблемот, но и да има струја во потстаницата, што значи дека електричната инсталација треба да е во функција и сите сметки за електрична енергија за топлинската станица да бидат навреме платени.

Ги повикуваме потрошувачите, пред да пријават дефект или рекламација во Центрот за грижа на потрошувачи, да проверат дали нивниот објект се наоѓа на списокот затворени објекти кај кои не се испорачува топлинска енергија.. Доколку објектот за кој бараат информација не е на списокот на затворени објекти, потрошувачите може да се обратат во Центарот за грижа за потрошувачи за да биде евидентиран и нивниот објект – велат од ЕЛЕМ.

За информации или пријави на дефекти и завршени интервенции, потрошувачите треба да се јават во Центарот за грижа за потрошувачи. Потрошувачите на ЕСМ Снабдување со топлина од подрачјето на општините Аеродром, дел од Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Центар и Чаир, можат да се јават на броевите 02 3076 200 и 075 400 100, додека потрошувачите на Енергетика, од населбата Железара можат да се јават во Центарот за грижа на корисници на бројот 02 3104 816, од понеделник до петок во периодот од 7 до 19 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!