
На Шара има снег за слободно скијање, но ратраците кои треба да превезуваат туристи стојат паркирани
Изминатиов период врнежите од снег на Шар Планина овозможија дополнителна снежна покривка, особено на северната страна од планината, каде подолг период е активно слободното скијање.
Препорачано
Туристи претежно од странство се носат со ратраци до посакуваната дестинација, кои потоа со скии или даски се пуштаат низ падините.
Но, снегот оваа сезона кој се задржа и во пролетниот период не може да се искористи, поради забраната од Националниот парк Шар Планина за движење на ратраци низ планината.
Методи Чилиманов еден од операторите кој се занимава со оваа дејност, давање на туристичка услуга – слободно скијање претежно на странски туристи, вели дека овој вид на туризам на Шара е уникатен и не смее да му се стави клуч оти губат туристичките работници, туристите, Попова Шапка, градот и на крај самата држава.
Националниот парк Шар Планина вели го има затечено ваквиот вид на алтернативен туризам и мора со нив да изнајдеме решение истиот да продолжи. Се работи за актуелна забрана, се надеваме дека со установата ќе најдеме начин да се договориме, околу забелешките кои ги имаат тие во врска со нашата дејност.
„Најголем проблем е нашето возење во услови кога во некои предели нема доволно снег, се работи за 50 до 200 метри предел, со тоа велат од паркот се уништува биодиверзитетот. Има некои предели каде нема доволно снег, каде мора да поминеме до местата каде има снег. И самиот Национален парк ни има дадено план со зонирање, со тоа се согласуваме и со намалување на бројот на ратраци со кои оперираме и со тоа се согласуваме. Но, ние мора да поминеме и низ некои предели каде нема доволно снег и за ова мора да се најде начин оти сите губат. Мора да најдеме места каде би можеле да поминеме, а не би ја нарушиле природата. Имаме распродадени тури и сега ни велат не може. Ние сме луѓе кои живеат тука, јас сум со адреса на Попова Шапка. Ние сакаме да го развиеме туризмот. Националниот парк фактички се уште ги утврдува правилата. Оттаму првично ни понудија договор кој ние не го потпишавме. Побараа од нас некои документи кои не можевме да ги обезбедиме. Не можевме ние да извадиме документ за регистрација на ратрак, не може тој да се регистрира, за него нема технички преглед и тој договор беше раскинат“, вели Методи Чилиманов еден од операторите за слободно скијање на Шар Планина.
Тој се надева дека ќе изнајдат решение што поскоро, оти букингот отсега треба да го распродадеме, во спротивно ќе изгубиме многи туристи, не само ние, туку и ски центарот.

„Од првата година кога се формираше паркот, ние се најдовме во ситуација во која што ние побаравме состанок во декември со Националниот парк, за да ги дефинираме правилата оти не ги знаевме, а декември веќе за нас е доцна оти ние ја продаваме сезоната во летниот и пролетниот период, нашите гости имаат купено авионски карти тоа се странски туристи имаат уплатено аранжмани и нивниот одмор е фиксиран.Ние не можеме на тие гости да им кажеме дечки извинетр ние заради двесте метри што нема снег на некое место, не сме во можност да ја изведеме турата. Треба да изнајдеме начини и можности да се пренесат гостите до местата каде има снег. Мора да најдеме начин да продолжиме да функционираме по строги пропишани правила и да направиме партнерство, а не да се прикажуваме како закана. Ние сме најголеми промотори на ваков вид на скијање на балакнот. Сега да дојдете кај нас ние имаме одлични услови за работа, одличен снег имаме празници, луѓето се слободни, а имаме и актуелна забрана од Националниот парк и не можеме да примаме гости. Во самата забрана за движење на ратраци пишува: „До целосно регулирање на дејноста“ и јас тоа го читам дека ќе најдеме решение. Оваа дејност ќе продолжи до конечно усогласување со НП Шар Планина. Тие мора нас целосно да не слушнат и разберат, ако треба да преминеме некои делови без снег ќе мора да најдеме начин како тие места да ги преминеме, но ако нема снег на поголем предел, тогаш ние нема да возиме“, вели Чилиманов.
Од Националниот парк Шар Планина, велат дека возењето на ратраци низ пределите на Шара според планот за управување со Националниот парк е дозволено во одредени зони, но според одредени правила. Оттаму истакнаа дека не успеале да се договорат со туристичките работници кои се занимаваат со оваа дејност. Се надеваат на понатамошни средби и разговори и поголем слух.
„Во моментов работиме на една тема, а тоа се ратраците. Со нив имавме доста ситуации изминативе три месеци, постојат долгогодишни бизниси кои се одвиваат на територијата. Овој бизнис според Планот за управување е дозволен во одредени зони, да речеме во зоната на активно управување, но под одредени правила. Ние се обидуваме да ги договориме овие правила, но за жал не наидовме на многу голема соработка и разбирање. Имавме ситуации каде што двете компании кои се активни на терен работеа во услови кога немаше доволно снег, со што се направи оштетување на високопланинските пасишта и се возеше надвор од редовните патишта.За оваа тема сме во процедура како да ја разрешиме и се надевам дека ќе имаме интерес од двете компании, да седнеме на маса како можат да оперираат или пак нема воопшто да оперираат, рече Анела Панајотова од НП Шар Планина.

Не чека и многу работа да се справиме со големи девијантни појави, додадав Панајотова. Воспоставување на контрола на илегалните активности како сеча на шума, кражба на диви животни, отворање на нови патишта, дивоградби, има многу притисок врз Шара, па дури и странски државјани собираат плодови на Шара, значи има преголем притисок врз самата планина, додава таа.
„Мора да се обезбеди контрола за да се обезбеди мир за животните за биодиверзитетот непречено да се развива. Потоа ќе треба да поминеме на едукација, но и развој на сите можни видови на туризам, но кои што имаат мало влијание врз природата. Во самиот план има приоритети, тоа е спречување на дивата сеча, ловокрадството и моторните возила кои се движат низ цела Шара како и илегалните градби. Ова се тие четири теми кои иако верувам дека има преку десет, но со оглед на ресурсите и малиот број на вработените мораме да стартуваме со овие“, вели Панајотова.
Во установата Национален парк Шар Планина, моментално има 8 вработени и неколку надворешни соработници, што не е доволно да се контролира целиот шарпланински масив од над 63.000 хектари. Планот е во установата да се вработаат 50 луѓе, кои чекаат одобрување за вработување од надлежните министерства.