
На само 28 години почина инфлуенсерот Ролинг Реј, најпознатото момче во инвалидска количка
Инфлуенсерот и ријалити ѕвездата Ролинг Реј почина на 28-годишна возраст, само неколку дена пред неговиот роденден, пренесува „Сан“.
Препорачано
Веста за неговата смрт ја објави неговата мајка на Фејсбук во среда.
– Со тешко срце, објавувам дека мојот син Реј Реј отиде кај Господ. Им благодарам на сите што се јавија и испратија пораки. Имаме долг пат пред нас – рече таа.
Вистинското име на Ролинг Реј беше Рејмонд Харпер, а тој се опиша себеси како „најпознатото момче во инвалидска количка“ на социјалните мрежи.

Тој стана познат со интернет скечеви, а подоцна учествуваше во ТВ емисии како што е „Catfish Trolls“ на Ем-ти-ви (MTV), како и во ЛГБТ ријалити шоу програмата „Bobby I Love You, Purrr“. Тој беше познат и по своите каскадерски изведби што ги доведоа фановите до солзи од смеа.
Неколку месеци пред неговата смрт, тој заврши во болница поради лоша здравствена состојба. Во мај, тој беше итно префрлен на интензивна нега бидејќи му се намали капацитетот за дишење. Во тоа време, тој се бореше со пневмонија и инфекција на крвта.

Реј, кој е роден во Вашингтон, призна дека се плашел дека ќе го пропушти Денот на мајките затоа што бил многу болен. Во 2022 година, тој се борел со ковид и пневмонија. Потоа напишал на социјалните мрежи дека „ковид речиси го убил“.
– Мојот имунолошки систем не е доволно силен сам да се справи со тоа – рече тогаш.
Пејачот и текстописец Боби Лајтс беше првиот што ѝ оддаде почит на интернет ѕвездата.
– Се обидов да почекам, молејќи се ова да биде уште една гласина. Почивај во мир, најпознатото момче во количка. Му покажавме на светот како двајца луѓе од сосема различни сфери на животот можат да ја остават омразата настрана и да направат магија. Ти си сакан низ целиот свет и многу ќе ни недостигаш. Рашири ги крилјата и полетај, мој легендарен пријателе Ролинг Реј – напиша тој на мрежата Икс, пренесува „Сан“.