Ул Козара/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат

На новиот асфалт нови крпеници, иако за обновата на „Козара“ се потрошија повеќе од 150 илјади евра

Прекопи, паркирани возила, колони автомобили кои преку оваа улица се приклучуваат на Васил Ѓоргов, сето тоа ја претвора оваа улица во сообраќајно тесно „грло“ особено во часовите кога луѓето одат или се враќаат од работа. Од Општина Центар велат дека приклучувањето на новоизградените објекти кон комуналната инфраструктура е законска обврска.

Улицата Козара во Капиштец е веројатно една од улиците во центарот на Скопје чии жители постојано имаат проблеми. Најпрво поради постојаната изградба на згради кои ги заменија семејните двокатни куќи со големи дворови, потоа поради лошата состојба на коловозот кој се оштети токму од механизацијата потребна за изградбата, а потоа и по неколкуте реконструкции на улицата. Сега, улицата, чија обнова успеа дури од третпат, повторно се прекопува за да се поврзат новите објекти.

Проблемите на граѓаните кои тука живеат со ова не завршуваат. Имено, оваа улица е исклучително фреквентна, таа ја поврзува улицата Елисие Поповски со Васил Ѓорѓов, преку која се оди накај центарот на градот. Речиси е непроодна особено во часовите кога луѓето одат или се враќаат од работа, кога се претвора во тесно сообраќајно „грло“ – од една страна се паркирани возила, од друга страна се копа за инсталации, па по неа едвај се поминува.

Ужасно е! Секое утро ми треба најмалку 15 минути да излезам од подземната гаража за да се вклучам во сообраќај. Или е блокиран излезот со возила или не може да се излезе од постојаните прекопувања. Навистина не ми е јасно, зошто ја реконструираа кога сега пак ќе се направи „крпеници“ поради прекопите. Можеа да причекаат сѐ да се доизгради, оти како што гледам, се гледа конечно крајот, па да се реконструира. Вака, џабе фрлени пари. Улицата е хаос – реагира жител на Козара.

Улицата реши да ја реконструира поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ на барање на граѓаните, а обновата пак се спроведе пред две години во мандатот на актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.

Ул Козара/фото Слободан Ѓуриќ/Слободен Печат

И кога беше најавена реконструкцијата и денес, остана нејасно зошто воопшто се планираше и се спроведе обнова во услови кога истовремено беа во изградба неколку згради, а некои сѐ уште се градат. Јасно беше дека по нивното завршување, на новиот асфалт ќе се прават прекопи за зградите да се поврзат со системите за вода, струја, парно, иако пред четири години од Општина Центар тврдеа дека на улицата ќе бидат оставени отвори (т.н. изводи), на кои подоцна би се приклучиле водоводните, топлински, електрични и кабелски мрежи. На тој начин не би имало потреба од повторно прекопување на улицата. Повеќе од очигледно е дека таа идеја не се спровела.

Проектот за реконструкција на улицата Козара, заедно со уште шест други улици, е распишан во 2021 година, пред одржувањето на локалните избори. За сите овие улици се спроведоа јавни набавки и беа потпишани договори, кои согласно законските обврски беа реализирани.Изведувачот за наведената улица беше три пати враќан за таа да биде реконструирана согласно проектната документација – објаснуваат од Општина Центар

Реконструкцијата на улицата, како што велат оттаму, согласно проектната документација, чинела 9.438.346 денари, односно нешто повеќе од 150 илјади евра.

На улицата Козара постојано се тропа, се гради и бучи, нема ни воздух ни мир

Од Центар додаваат дека новоизградените објекти мора да се приклучат на комуналната инфраструктура.

Приклучувањето на новоизградените објекти кон комуналната инфраструктура е законска обврска, што подразбира и соодветни приклучоци. Инвеститорот има обврска улицата да ја врати во првобитна состојба – велат од Центар.

Трета среќа за Козара: Ќе биде ли успешно најновото асфалтирање на улицата?

Но, како што е познато, коловозот никогаш не може да се врати во претходната состојба, затоа што „белегот“ каде што се прекопувало ќе остане до некое следно комплетно асфалтирање.

Од Центар потенцираат дека доколку постои одобрение за градба, општината нема законска основа да ги стопира градежните активности, доколку тие се усогласени со важечките урбанистички планови и законски прописи.

Во однос на реакциите и поплаките на жителите на Козара, од Општината велат дека до нив никој не се пожалил.

Инспекциските служби на Општина Центар немаат добиено официјална претставка во однос на улицата Козара – тврдат оттаму.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот