
На фестивалот „Илинденски денови“ ќе се одржи „Балканско патување“ со гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска
Во рамки на 54. фестивал „Илинденски денови“, гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска ќе одржи концерт на 28 јули, со почеток во 21 часот, на платото пред Офицерскиот дом во Битола.
Препорачано
Концертот е со наслов „Балканско патување“ и претставува музички истражувачки проект во кој преку одделните композиции од балканските земји се доловуваат заедничките музички корени на балканските простори.
На концертот ќе бидат изведени нови аранжмани за гудачки квартет базирани на балкански фолклорни теми во аранжман на Пламенка Трајковска. Во гудачкиот квартет ќе учествуваат Пламенка Трајковска на виолина, Милена Гиевска Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и Центарот за култура Битола.
– „Балканско патување“ се осврнува кон богатата балканска музичка ризница, а посебен осврт е направен на одделните мелодиски и ритмички елементи, кои се блиски на целиот регион и за кои одделните народи сметаат дека се нивни автентични. Овие заеднички елементи се користеа како основа за создавање нови композиции со гудачки квартет. Во новите композиции струјат неколку доминанти елементи и тоа: влијанијата на класичната музика и сосема класичниот инструментариум на гудачкиот квартет – виолина, виола и виолончело, заедничките мелодиски и ритмички линии од сите региони на Балканот, како и аранжмански пристап кој има за цел да ги отслика музичките прелевања од регион во регион. Сите овие елементи се вткаени во нови музички слики со гудачки квартет и балканска музика, кои имаат само еден наслов: Балканска композиција – посочува Трајковска.
Виолинистката Пламенка Трајковска досега има настапено на речиси сите позначајни сцени и фестивали кај нас и има реализирано концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и во Турција.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 241, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.7.2024)