
На два дена пред Велигден не стивнува „битката за јајца“, освен домашни има и увозни
Реално е дека табла јајца во маркетите чини поевтино за четириесетина денари од актуелните цени на пазарите. Судејќи според понудата, излезе дека не се остварија навестувањата дека годинава ќе има недостиг од јајца, а нивната цена е дури поевтина од минатогодишната
Вистинските домаќинки веќе ги вапсаа првите велигденски јајца, но голем дел од граѓаните сè уште се „борат“ за барем една табла. На два дена пред најголемиот христијански празник, јајцата се сè уште најбараниот производ, како на пазарите, така и во маркетите. Трговците велат дека годинава продажбата почнала уште пред десетина дена, а најчесто се купуваат по две, па дури и по три табли за да има фазла ако се распукаат во допир со боите.
Препорачано
Пред продавниците на живинарските фарми се „вие оро“, а на зелените пазари, деновиве има двојни редици. Оние што не сакаат да се туркаат, се пофаќаат за веќе спакуваните табли што маркетите некаде ги нудат со специјална назнака дека се увезени од Србија. Реално табла јајца на зелените пазари е нешто поскапа од актуелните цени во маркетите и во моментот чини од 190 до 240 денари, додека во дуќаните може да се најдат и по цена од 178 денари.
Веќе не се избира дали се бели или кафени, иако старите домаќинки тврдоглаво се држат до тезата дека на белите – бојата подобро се фаќа. Судејќи според понудата, излезе дека не се остварија навестувањата дека годинава ќе има недостиг од јајца, а нивната цена е дури поевтина од минатогодишната.

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава спроведуваат засилени контроли на продажбата на јајцата, боите за вапсање, месото и другите прехранбени производи. Засилено ќе се контролираат и увозните пратки со јајца на граничните премини, а акцентот е ставен на датумот на пакување и означување, временскиот рок на траење.
Во рамките на спроведените 350 надзори на операторите со цел спречување на пласирање небезбедна храна и нелегална трговија со јајца, бои за јајца, како небезбедни уништени се 1.230 килограми различни видови производи, најмногу месо, преработки и подготовки од месо, но и јајца, бои, мед, ракија, маслиново масло и други призводи. За утврдените недоследности со вонредните контроли изречени се казни во висина од 3.650 евра во денарска противвредност и издадени се 22 решенија со наредби за нивно отстранување.
– Во услови на зголемена побарувачка на храна пред претстојните празници, апелираме до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да пазарат само од одобрени/регистрирани оператори за храна кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата. Да се внимава на декларациите на производите, нивното означување и рокот на употреба и температурниот режим на чување, особено на леснорасипливите, бидејќи во спротивно тие може да бидат небезбедни за граѓаните – советуваат од АХВ.

Покрај продавачите на јајца, за Велигден сериозен промет се остварува и од продажбата на варзило и индустриска боја, сликички, разни декорации, слама и секаков вид кошнички. Добро минуваат и велигденските чаршафи, перничиња и чинии…
– Сите сакаат убави декорации и украси, а кога меѓу себе си подаваат вапцани јајца, тие треба да се спакувани во шарени кошнички. Имаме секаков вид, цените се од 100 до 290 денари – велат трговците.
Според Земјоделско-пазарниот информативен систем на Министерството за земјоделство, во моментот најскапи се јајцата во Штип – 10,57 денари за големината Л, додека најскапи јајца со М големина се продаваат во Тетово – 7,25 денари. Просечната цена на јајцата во државата во моментот изнесува 5,91 за М и 6,75 денари за Л класата.