
На денешен ден е роден Благоја Чоревски, актерот кој веќе пет децении остава длабок белег во театарот и филмот
На денешен ден, 9 септември 1947 година, во Велес е роден Благоја Чоревски – еден од најистакнатите македонски актери и режисери, кој повеќе од пет децении остава длабок белег во театарот, филмот и телевизијата.
Препорачано
Синот на доајенот на македонското глумиште Трајко Чоревски и на актерката Ратка Чоревска, уште од најрана возраст бил дел од уметничката сцена. Театарската академија ја завршил во Софија во 1971 година, а истата година станал член на Драмскиот театар – Скопје, каде што настапувал сè до пензионирањето во 2012 година.
Чоревски соработувал со најголемите македонски режисери, Слободан Унковски, Димитрие Османли, Љубиша Георгиевски, Владимир Милчин, Коле Ангеловски, Димитар Станковски, и бил дел од најзначајните претстави на македонскиот театар. Ја изгради својата препознатлива глумечка харизма преку улогите во „Диво месо“, „Црнила“, „Хамлет“, „Ноќ спроти водици“, „Чернодрински се враќа дома“, „Животот е сон“, „Буре барут“, како и во голем број современи претстави.
Неговата актерска енергија подеднакво дојде до израз и на малите екрани. Македонската публика го памети по култните серии „Викенд на мртовци“, „Хихирику“, „Битолски лакрдии“, „Балкан бенд“ и неодамнешниот хит „Преспав“, каде што го играше ликот на Генади. На филм, пак, настапуваше во „Пресуда“, „Време, води“, „Тетовирање“, „Вистинска љубов“, „Врба“, „Кајмак“ и многу други.
Покрај глумата, Чоревски беше и активен културен дејец – директор на Драмскиот театар (1983–1998), заменик-министер за култура (1998–2001), претседател на Советот на град Скопје и општественик кој секогаш ја носеше културата во прв план.
За своето огромно творештво е добитник на највисоките национални признанија – „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Климент Охридски“, „Петре Прличко“, награда за животно дело „Војдан Чернодрински“, како и „Орден за заслуги за Македонија“.