На 1 септември нов оглас – се бараат „црно на бело“ причините зошто е одбиена листата со Ристоска, Гајдова и Апостолски

Додека обвинителката Ленче Ристоска го тужи новинарот Драган Павловиќ Латас за клевета, Јордан Апостолски, еден од одбиените од Предлог-листата за ЕСЧП во Стразбур бара од Владата написмено да му ги образложат причините зошто не ја прифатиле листата и кои критериуми не ги исполниле кандидатите за да се поништи целата постапка

Еден од кандидатите кој беше на Предлог-листата за судија во Европски суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, Јордан Апостолски, бара од Владата написмено да му ги образложат причините зошто не ја прифатиле листата и кои критериуми не ги исполниле кандидатите за да се поништи целата постапка што се водеше со месеци и да почне од почеток со нова комисија која се поизвесно е дека нема да стаса навреме да избере наследник на Јован Илиевски, чиј мандат во Стразбур истекува во февруари идната година.

– Ќе одлучам кога ќе излезе новиот оглас и кога ќе ги видам причините зошто е поништен првичниот – вели Апостолски за „Слободен печат“ и кажува дека по слободен пристап на информации од јавен карактер бара Владата да му ја достави одлуката што ја донела за да не ја прифати листата.

Ленче Ристевска/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

На неа, освен Апостолски, беше и поранешната обвинителка од Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска, која уште ги води предметите „Талир 1„ „Талир 2“ во кои се обвинети поранешни високи функционери на ВМРО -ДПМНЕ и самата партија како правно лице, за која се бара конфискација на Белата палата. Трет кандидат беше судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова.

– Во моментов сум фокусирана на моите тековни обврски како судија на Апелацискиот суд Скопје и на стручниот ангажман во државата и на меѓународно ниво. Што се однесува до евентуална кандидатура, ќе видам кога ќе дојде моментот – вели Гајдова за „Слободен печат“.

Ристоска нема да се пријави на новиот оглас, односно нема да ѝ даде легитимитет на одлуката на Владата без образложение, но правната битка ја продолжува со тужба за клевета против новинарот Драган Павловиќ Латас.

– Како што најавив, поднесов тужба против Латас за клеветите што ги изнесе за мене. Во меѓувреме, со мене беа споделени и статуси и коментари од неговата адвокатка објавени на нејзиниот приватен Фејсбук профил во истиот период, полни со уште поголеми навреди, невистини и клевети. Со оглед дека адвокатите, како и јавните обвинители, се обврзани со етички кодекс и не смеат да пласираат навреди и невистини по социјалните мрежи, се надевам дека адвокатската комора ќе преземе мерки за да ги опомене или санкционира своите членови кои ги прекршуваат ваквите обврски. Така што, сегашниот процес нема да е борба само со клеветите од Латас, туку и со однесувањето и клеветите на неговата адвокатка – вели Ристоска за „Слободен печат“.

Со почетокот на учебната година се очекува да почне и новата битка за судија во Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, откако Предлог-листата што ја скрои претходната комисија, не беше по мерка на Владата, па формираше нова Комисија со нови членови. Новата комисија очекува да ги испочитува роковите и да избере кандидат. Но, она што не може да го предвиди ни самата Комисија е колку време ќе се чека мислењето од експертскиот панел на Советот на Европа, од каде прво ќе се бара мислење за кандидатите.

– Комисијата веќе одржа еден онлајн состанок. На 25 август во 12 часот ќе имаме нов состанок на кој ќе се донесе Деловник за работа, ќе избереме претседател на Комисијата, ќе го утврдиме датумот за објавување на огласот кој најверојатно ќе биде објавен на 1 септември. Мое очекување е дека ќе се постигнат роковите. Изборот треба да биде направен до завршувањето на мандатот на актуелниот судија, февруари 2026 година. Немам сознание колку време се чека мислење од експертскиот панел, но се надевам дека и тој ќе ги има предвид роковите – вели за „Слободен печат“ претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски кој е член на новата Комисија.

Оваа процедура во земјава е многу поедноставна и побрза во однос на тоа што ги чека кандидатите откако Владата ќе ја утврди листата и ќе ја испрати во Советот на Европа. Како што објаснува за „Слободен печат“ судија кој веќе ги поминал проверките во Стразбур, во Советот на Европа листата прво ја гледа Панел експерти составен од поранешни судии на Европскиот суд за човекови права и судии на високи судови, значи од меѓународни судови.

Откако претходниот состав на Комисијата намерно или ненамерно ја прекрши процедурата и предлог листата наместо до Советот на Европа ја испрати прво до Владата, каде што заглави и беше отфрлена, сега новата Комисија предлозите ќе ги прати прво до Советот пред да бидат доставени до Владата. Сепак пред Советот на Европа процедурата не е така едноставна и кратка. Листата прво ја гледа панел-експерти составен од поранешни судии на Европскиот суд за човекови права и судии на високи судови, значи од меѓународни судови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот