Фото: КФСМ

МЗТ со пресврт го доби ТФТ и дојде на чекор од нова титула

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се доближија на само една победа до нова титула во македонскиот шампионат, откако вечерва на свој терен славеа над ТФТ со резултат 87-82, поведувајќи со 2-0 во финалната серија.

Кошаркарите на Тафталиџе одиграа импресивно прво полувреме. Почнаа фуриозно, погодуваа од сите можни позиции и по првата четвртина имаа двоцифрена предност (17-27), оставајќи го домашниот состав во шок. Сепак, актуелниот шампион брзо се консолидираше. Со цврста одбрана и организирана игра, во втората четвртина успеа да се врати во мечот и во 15. минута намали на само три поени разлика (29-32). Иако ТФТ ја задржа предноста до полувремето (39-42), се почувствуваше промената на ритамот.

Вистинското будење на „металците“ дојде во третиот период. Со дисциплинирана одбрана и помалку грешки, МЗТ направи целосен пресврт и по три четвртини имаше предност од 61-53. Во последниот дел од натпреварот, домаќините умешно го контролираа темпото и не дозволија нов пресврт, запишувајќи важна победа што ги носи чекор поблиску до одбрана на титулата.

Најефикасен во редовите на МЗТ беше Деон Едвин со 25 поени, а значаен придонес дадоа и Крстевски со 17, како и искусниот Војдан Стојановски со 13 поени. Кај ТФТ, се истакна Закари Браун со исто така 25 поени, но неговата одлична партија не беше доволна за изненадување во Аеродром.

Финалната серија се игра до три победи, а третиот натпревар е закажан на теренот на ТФТ, каде што „тафталиџани“ ќе се обидат да останат во игра и да ја продолжат борбата за шампионската титула.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот