
МЗТ ги продолжува подготовките без Грегори Џонсон
Актуелниот македонски кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром ги почна подготовките за новата сезона 2025/26 во која ќе ги напаѓа трофеите во сите натпреварувања.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Потсетување, по продолжување на договорот со тренерот Васко Атанасов, клубот промовираше тројца нови кошаркари, Американците Грегори Џонсон, Елајџа Мекејден и Чарлс „Ел-Џи“ Гил.
Покрај тренинзите, играчите на МЗТ ја темпираат формата и со одигрување на пријателски натпревари. Во првиот контролен меч тимот на Атанасов триумфираше на гостувањето кај косовскиот прволигаш Бора во Приштина со 82:79.
Најефикасен беше „Ел-Џи“ Гил со 31 поен и осум скока, а го следеа Мекејден со 18 поени, Андреј Магдевски со 11 поени, пет скока и четири асистенции и Дамјан Стојановски со 10 поени. Во составот не беше Андреј Маслинко поради помала повреда.
За жал. МЗТ ќе ги продолжи подготовките без едно од новите засилувања, ниското крило Џонсон кој не ги помина лекарските прегледи поради повреда во последните денови пред доаѓањето во Скопје. Медицинскиот тим направи голем напор да го оспособи, но проблемот е сериозен и бара подолг период на опоравување надвор од теренот.
Поради ова, договорот со Џонсон воопшто не ни стапи во сила и тој деновиве ќе си замине од Скопје, а клубот ќе нема никакви обврски кон него. Истовремено, МЗТ веќе бара ново засилување на неговата позиција, со цел максимално подготвен да ја дочека новата сезона.