
МВР уште го бара Ѓаволот – бара помош од медиумите за негово лоцирање
Иако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека осомничениот во случајот „Синџир“, Љупчо Пецов Ѓаволот бил во Македонија и за тоа обезбедиле видеодоказ, ја известиле Единицата за потраги и издале наредба за негово пронаоѓање, сепак Министерството за внатрешни работи вели дека сè уште презема мерки за апсење на Ѓаволот.
Препорачано
– МВР презема соодветни тактичко-оперативни мерки за лоцирање и лишување од слобода на лицето за кое прашувате. Доколку располагате со информации за неговата локација, истите споделете ги со органите на прогонот во најблиската полициска станица – велат од МВР за „Слободен печат“ на нашето прашање дали постапиле по барање на Обвинителството и како МВР уште го нема уапсено Пецов.
Во петокот од Обвинителството за „Слободен печат“ потврдија дека Ѓаволот по кого има распишано национална и меѓународна потерница – бил во Македонија, дека за тоа има видео снимка, но и документација од Универзитетски клиники. Неговиот адвокат Фехми Стафа доставил барање до Кривичен, притворот што го бара Обвинителството откако ќе биде пронајден, да му биде заменет со поблага мерка, наводно „во негово отсуство“.
Кривичниот суд побарал од Обвинителството да достави мислење по предлогот на одбраната, но Обвинителството од документите сфатило дека Пецов бил во Македонија. За тоа од Обвинителството обезбедиле и видео на кое се гледа Ѓаволот.
-Веднаш по добивањето на поднесокот од судот, јавниот обвинител ја извести Единицата за потраги и издаде Наредба за негово пронаоѓање, како и постапка за барање податоци со која истражители од Управата за финансиска полиција обезбедија материјални докази, меѓу кои и видеозаписи, со кои се потврди присутноста на осомничениот. Обезбедените докази се доставени и до ОЈО Скопје заради утврдување на елементи на кривични дела од нивна надлежност. Во исто време, имајќи предвид дека лицето е во бегство, дека влегло на нелегален премин, што ја потврдува веројатноста дека кога сака може повторно да излезе од државата, како и фактот дека не се променети и другите околности врз основа на кои предложило притвор, Обвинителството до Основниот кривичен суд достави негативно мислење по однос на првиот предлог – велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Слободен печат“.
Вчера Кривичниот суд до Обвинителството доставил нов предлог од одбраната во кој имало документи од универзитетски клиники, односно Ѓаволот и оваа седмица бил и по болници во Скопје.
– Во текот на вчерашниот ден од страна на Основниот кривичен суд Скопје е доставен нов предлог од одбраната во кој меѓу другото се содржани документи од универзитетски клиники од кои може да се утврди дека лицето било присутно и оваа седмица низ Скопје. Веднаш по добивање на новото барање, на мислење од судот, јавниот обвинител ја извести Единицата за потраги и со писмен поднесок побара да се постапи веднаш по претходно издадената наредба за негово пронаоѓање – додава Обвинителството.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница