
МВР: Не е фатен ниеден граѓанин како вади лажен вакцинален сертификат
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека полицијата ги следи информациите за ваквите злоупотреби и има отворено предмет.
Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика ги следи и проверува гласините дека лажни вакцинални сертификати се издаваат во земјава и детално се проверуваат било какви информации на оваа тема, велат од МВР за „Слободен печат“.
Препорачано
Сепак, ниеден официјален или конкретен случај не е регистриран досега и засега за ова само се шушка на социјалните мрежи каде во групите за „купи продај” граѓани бараат да извадат лажен вакцинален сертификат без да примат ниту една доза вакцина.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во телевизиско гостување потврди дека МВР води предмет за оваа злоупотреба.
– Постои група на луѓе кои секогаш бараат начин како да ги заобиколат правилата, не водејќи сметка дека директно ги загрозуваат и своите блиски. И овде има одредени пријави, дали директно до МВР или на мејл до Секторот за компјутерски криминал. Веќе имаме отворено предмет дека е можно да има злоупотеба на лажни сертификати. За лажни сертификати досега немаме поднесено кривична пријава, но има постапка и се работи, посочи министерот Спасовски.
Вакциналниот сертификат го издава Министерството за здравство, а Европската комисија го усвои и го смета за еквивалентен на дигиталниот сертификат на ЕУ.
Во новиот извештај на „Чекпоинт рисрч“ се објавува дека лажни сертификати во САД се продаваат на „дарк веб“ за 100 до 120 долари, а најголемиот дел од нив за американскиот пазар ги дистрибуираат изработувачи од Европа. Главниот адут на овие продавачи е тоа што нивните клиенти не сакаат да се вакцинираат, а сакаат да ги користат бенефитите од поседувањето вакцинален сертификат, како што е влез на настани.
Во Франција на „Снепчет“ се продаваат лажни сертификати за 140 до 350 евра. Во Марсеј, Бордо и Гренобл, француската полиција откри дека компјутери на матични лекари биле хакирани и оттаму биле извлекувани податоци за вакцинираните. Италијанската полиција исто така соопшти дека стопирала онлајн изманици кои нудат лажни ковид-сертификати за вакцинација преку апликацијата „Телеграм“. Потоа линковите воделе до црниот интернет пазар на „дарк веб“ каде за 150 евра можело да се добие италијански вакцинален сертификат.