
МВР: На „Партизанска“ се прегазени две деца, ги удрил 26-годишен возач со „Ауди“
Министерството за внатрешни работи попладнево соопшти детали за тешката несреќа која се случи на булеварот „Партизански одреди“ во скопската населба Карпош 4. Наспроти првичните, неофицијални информации, според кои жртви во несреќата биле жена и дете, МВР појаснува дека на пешачкиот премин во близина на слаткарницата „Палма“ биле удрени две деца, чијашто возраст не се соопштува. Тие се пренесени во болница.
Препорачано
„Денеска (24.03.2025) полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Р.(26) од Скопје затоа што околу 13:50 часот на бул. „Партизански одреди“ во Скопје со патничко возило „Ауди” со скопски регистерски ознаки, удрил во малолетен пешак и малолетник кој туркал велосипед. Двајцата малолетници со Итна медицинска помош се пренесени во клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош. Извршен е увид од СВР Скопје и надлежен обвинител. По документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по итна постапка“, велат од МВР.
На тој обележан пешачки премин со години се случуваат вакви инциденти, а во повеќе од нив имаше и жртви. Возачите на тоа место често го игнорираат преминот и возат со голема брзина. По трагичниот случај во кој животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова пред неколку месеци, исто така на „Партизанска“ и силните реакции во јавноста кои следеа, полицијата засилено контролираше и беше присутна на скопскиот булевар, но тоа траеше само неколку недели.