александар чекреџи чекре
Фото: Приватна архива

Музиката е љубов, а од љубов не се бега: Александар Чекреџи – композиторот чии ноти ги препознавате „на прва“

Хитот „Косоока“ е добро познат меѓу младите, но нивните родители сѐ уште си ги потпевнуваат старите хитови „Ладна како камен“ и „Викни ме на чај“. А, сите се создадени во истата 1992 година, на албумот на групата „Дарио и Миг 21“, кои беа главна „шема“ во музичкиот и естраден живот во тоа време. „Виновникот“ за овие вечно препознатливи мелодии е композиторот и членот на групата, Александар Чекреџи.

Во последно време неговото име сѐ почесто го слушаме и како учесник на денешната македонска музичка сцена. Можеби е само впечаток, но по сѐ се чини дека последниве години е сѐ повеќе музички присутен тука, иако веќе 24 години живее и работи во Стокхолм, Шведска.

Денес приватно ужива во хармоничен фамилијарен живот со сопругата Нела и двете прекрасни ќерки, Мила и Никол. Вели дека двете студираат во Упсала и се одселени од дома. Професионално, веќе 23 години работи во „Ериксон“ („Ericsson“), а голем дел од својот професионален век го има поминато надвор од Шведска – Тајланд, Чешка, Египет, Шпанија, Кина, Јапонија, Колумбија и други земји.

александар чекреџи чекре
Фото: Приватна архива

Како и колку во целиот овој период од преселбата ја одржуваше својата творечка кондиција?

Секако, намалувањето на фамилијарните обврски околу децата, куќата, а и искуството на работа ми овозможуваат да имам повеќе време за себе и за моето хоби. Со годините животот е посмирен, со што доаѓа и инспирацијата за музика. Последните 3-4 години, активно, а можам да кажам и секојдневно, поминувам време со музиката, слушајќи и творејќи. Шведска ми дава можности да посетувам квалитетни концерти.

чекреџи миг 21
Фото: Миг 21 / Извор: Приватна архива

Со кого сѐ имаш соработувано од кога си отсутен?

Во Македонија имам соработувано со многу пејачи на различни проекти како Каролина Гочева, Лидија Кочовска, Ана Костовска, Тоше Проески, Џокси, Тијана, Пеце Огненовски, Дарио и „Миг21“ како основачи на „Миг21“ заедно со Владимир Груневски и творци на албумот „Бактерија“ во далечната 1992 година, Горан Чумлиевски-Јапан како група „Форум“, со кого го издадовме албумот „Еротика“, Рубенс Диман, и други пејачи од македонската музичка сцена. Од моето доаѓање во Шведска најчеста соработка имам со Маја Павловска, која живее во Холандија и ги има напишано повеќето од текстовите за моите песни и е моја драга пријателка уште од моето детство во Македонија.

Последниве две години соработувам со групата „The Chicks“ – девојките за кои направив комплетен албум. Албумот е резултат на прекрасната соработка со Александар Ристовски-Принц, кој ја вложи својата кретивност и талент во продукцијата на пратечките вокали и го сними спотот за една од издадените песни, и Златко Симионски-Зеле, кој ги продуцираше песните во своето студио „DoReMi Production“ и им даде свој белег на звукот на песните.

Албумот има осум песни, од кои четири се веќе пуштени во етерот, а исто така може да се слушнат на Јутјуб и Спотифај. Поради ситуацијата со ковид, датумот за официјалната промоција на албумот сѐ уште не е одреден.

александар чекреџи чекре
Фото: Приватна архива

Имаше ли некогаш „опасност“ музиката да ти биде главна професија?

Имав голема желба да се занимавам професионално со музика, и сѐ уште музиката има голем дел во мојот живот, но сплетот на околности, како и моите свесни одлуки ме однесоа во друга насока.

Во деведесеттите, ситуацијата на македонската естрада како и стилот на музика што јас ја создавав не ми дозволуваше да можам да овозможам егзистенција. Иронично, ниту дипломата од Машинскиот факултет не ми го дозволи тоа.

Кога пристигнав во Шведска во 1997 година, започнав да посетувам училиште за музичка продукција, но два месеца од почетокот добив понуда за работа во „Ериксон“, која ја профатив и така ја добив насоката во мојот живот.

александар чекреџи чекре
Фото: Александар Чекреџи Чекре со семејството / Извор: Приватна архива

Познавачите веднаш го препознаваат твојот музички израз, но имаше ли таа музичка основа некаква надоградба во смисла на експериментирање, истражување?

Моите почетоци и долг период потоа беа во насока на поп, поп-фанк, и драго ми е што  сѐ уште се слушаат некои песни што ги создадов во тоа време, како на пример „Косоока“, „Викни ме на чај“, „Ладна како камен“, „Бактерија“, „Сон егзотичен“, која ја отпеа Тоше Проески, „Вино и солзи“ од „Макфест“, Новогодишната песна што ја отпеа Џокси со Оливера Лазаровска. Последниве 3-4 години експериментирам и создавам музика која е во инди и поп-рок насока, со мој личен белег на песните.

бактерија миг 21 чекре
Фото: Бактерија – Миг21 / Извор: Приватна архива

Дали проба некакви соработки и во Шветска?

Мојата работа и обврски не ми дозволуваа да можам да се посветам и ангажирам на професионален начин а најважно да дадам ветувања кои не би можел да ги исполнам но пред 3 месеци дојдов во контакт со продуцентски куќи и студија така да ништо не е исклучно за во иднина.

Што може да очекуваме наскоро од твојата музичка работилница?

Освен да се издадат останатите четри песно од албумбот „Travelers“ на „The Chicks“ во Македонија се надевам дека ќе имам можност да снимам некоја моја песна овде во Шведска.

Што се однесува до песните кои ги имам создадено а кои сеуште не се снимени, секогаш сум отворен за соработка и се надевам дека во скора иднина ќе има мои нови песни да се слушнат во Македонија.

Дали и колку често доаѓаш во Македонија (секако овој период со корона не се важи)?

Се трудам да створам време да дојдам барем еднаш до двапати во годината во Македонија и Охрид, кој што ми е слабост, да се сретнам со драги пријатели и роднини.

чекре и јапан
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот