
Муртезани: Мора да го заштитиме процесот по уставните измени за да нема дополнителни блокади
Министерството за европски прашања останува посветено на исполнување на својата клучна улога во сложените пристапни преговори со Европската Унија, а во рамките на владата веќе се водат интерни разговори за изнаоѓање на нови решенија како да се продолжат преговорите. Како што најави премиерот Христијан Мицкоски, новите идеи во врска со уставните измени кои се главната пречка за напредокот на земјава кон ЕУ, ќе бидат испратени во Брисел, рече по отчетот за 100 дена Влада, министерот Орхан Муртезани.
Препорачано
– Досега немаме финален предлог, меѓутоа и да имаме таков нема да брзаме да го објавиме пред да бидат завршени изборите во соседна Бугарија, бидејќи сметаме дека периодов и да имаме најдобар можен план не знаеме дали ќе биде прифатен од другата страна. Затоа се работи интензивно на изнаоѓање на решенија и мислам дека ова е правилниот пристап за понатаму – рече Муртезани кој како министер за европски прашања е главен преговарач на владата со ЕУ.
Македонско-бугарските односи повторно се влошија по навредите и острата реторика на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски кон бугарските политичари кои веќе влегоа во предизборна кампања на седмите по ред предвремени парламентарни избори во Бугарија. Македонската влада, според министерот Муртезани, до завршувањето на изборите во Бугарија закажани на 27 октомври повеќе нема да излегува со конкретни предлози за да не се влошат дополнително тие односи.
Премиерот Мицкоски во вчерашното интервју на МТВ покажа убеденост дека за конструктивен компромис може да се разговара со Бугарија, а после сите отстапки кои досега ги направила Македонија како ниту една држава досега, сме заслужиле да го добиеме ова прашање за одложено дејство.
– Уставните измени се услов не од Бугарија, туку од 27 земји членки на ЕУ и тоа е јасно наведено во заклучоците на Советот на ЕУ. Ние се обидуваме да го заштитиме процесот после уставните измени. И премиерот во неколку наврати и Владата има спомнато дека не е ништо спорно да се донесат уставните измени меѓутоа ние сакаме да бидеме сигурни дека процесот понатаму нема да биде повторно предмет на дополнителни блокади – рече Муртезани.
На прашањето какви гаранции може да очекува од земјите членки на Унијата кои подеднакво имаат право на вето во текот на целиот пристапен процес на земјите кандидати во ЕУ, министерот Муртезани е дециден дека сепак не станува збор за гаранции.
– Не е тука работата Европската Унија да ни гарантира нешто. Ние сме должни да го заштитиме нашиот интерес, интересот на нашите граѓани и интересот на државата. Ако ние сметаме дека постои таков потенцијален ризик тогаш подобро е да се спремаме отсега за да го елиминираме тој ризик отколку да ги усвоиме уставните измени па после да се соочиме со дополнителна блокада – дециден е министерот.
Според него, во Протоколите од Договорот за добрососедство со Бугарија има огромни можности за дополнителни блокади и Владата се обидува да ги исцрпи сите можности во обезбедување на некакви гаранции дека нема да бидеме повторно предмет на блокади.
– Блокади може и ние самите да предизвикаме доколку реформите во правосудниот систем ги тераме спротивно на европската пракса. Тогаш ќе предизвикаме. Сите ние сме биле сведоци дека и Договорот за добрососедство и Протоколите се предмет на различна интерпретација од различните страни и ние сакаме да бидеме сигурни дека тие различни интерпретации нема да бидат некоја наредна унилатерална позиција на Бугарија којашто ќе биде заедничка позиција на ЕУ – рече Муртезани.
На 15 октомври Албанија ќе ги отвори преговорите со ЕУ за основните поглавја на втората меѓувладина конференција, па останува на Македонија по раздвојувањето од Албанија во најкус можен рок да најде решение коешто ќе овозможи да го фатиме овој бран на проширување на Европската Унија, нагласи Муртезани, а од тоа ќе зависи и опстанокот на владината коалиција на Мицкоски, бидејќи албанскиот коалициски партнер при формирање на владата се заложи за уставни измени до декември.
– Ние како коалиција Вреди сме дале рок од 6 месеци во којшто Владата мора да даде конкретен предлог за решавање на проблемот со уставните измени и надминување на кризата. Секако дека уште сме во четвртиот месец, кога ќе стигнеме при крајот ќе видиме какви се можностите и што би направиле понатаму, кои се алтернативите. Моментално тече рокот – рече Муртезани.
Министерот во отчетот по повод 100 дена од работата на новоформираното Министерство за економски прашања го нагласи потпишувањето на Финансиската спогодба за 2024, односно Годишната програма за ИПА со која се обезбедуваат 61,8 милиони евра за поддршка на реформите во повеќе сектори, но закочениот евроинтегративен процес сепак нема да ги блокира фондовите и помошта која Европската Унија ја нуди преку Планот за раст за Западен Балкан.
– Засега нема такви најави, а нема ни такви причини. Постојат огромни механизми за земјите членки но тоа досега ни формално ни неформално е спомнато. Напротив, на 2 и 3 октомври заседаваше ИПА комитетот кадешто нашата реформска агенда е одвоена како најквалитетна од сите 5 во регионот, така да нема никаква основа ни најава за евентуални блокади – рече Муртезани.
Во меѓувреме, фокусот на Министерството за европски прашања останува цврсто насочен кон Патоказот за владеење на правото и неговиот придружен Акциски план за заштита на малцинските права и Патоказот за реформа на јавната администрација кои според министерот, се во срцето на преговарачкиот процес и ќе овозможат Македонија да гради силни институции, кои ги почитуваат демократските вредности и правата на сите нејзини граѓани.