
Мултимедијалниот перформанс „Во моите чевли“ на Јована Зајкова носи силна порака за отворање на срцето
Перформансот „Во моите чевли“ на авторката и изведувач Јована Зајкова на 14 јуни, во 20 часот, во „Лабораториум“ ќе биде изведен во проширена верзија. Перформансот содржи сплет на современ танц, актерска игра, музика, видео и елементи од кловновство.
Препорачано
Изведувачот споделува приказна за соочувањето со анксиозност, страв, опсесивно-компулсивно однесување и предизвиците на растењето и созревањето. Во јадрото на приказната е опсесивниот страв дека ако чевлите се поставени „погрешно“ или расфрлани на хаотичен начин ќе се случи „катастрофа“.
Заедно со изведувачот, публиката патува низ палета различни чевли, кои претставуваат различни карактери, предизвици и гледишта, во внимателен хармонично-хаотичен свет. Оваа приказна во себе содржи многу хумор и дури може да наликува на перформанс наменет за деца.
Сепак, во овој лесен и шеговит пристап се крие силна порака за отворање на срцето, живеење на животот до максимум и пронаоѓање на убавината во тешкотиите на животот.

Перформансот го започна своето патување како минијатура и во таа форма ја освои втората награда на Фестивалот за кореографски минијатури во Белград, а беше изведен и на фестивали во Гдањск (Полска), Штутгарт (Германија), Брисел (Белгија) и Загреб (Хрватска).
Приказната која се раскажува во овој перформанс, а дополнително и широкиот спектар алатки кои се користат за нејзино пренесување на публиката, направи перформансот да го продолжи своето патување и развивање и многу природно да прерасне во едночасовна претстава наменета за публика од сите возрасти.
Поголем дел од авторството на перформансот – идеја, кореографија, музика, изведба се на Јована Зајкова, костимите се заеднички осмислени и изработени од Соња Геговска-Зајкова, краткиот филм кој ќе се прикаже како дел од перформансот е осмислен и снимен заедно со Калин Бибан и Марко Зајков, а во него се појавуваат и Никола Зајков и Теодора Пејиќ-Зајкова.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, а свој придонес во одредени фази од развојот и изработката имаа и Слаѓана Вујошевиќ, ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, Спортски аеродром „Стенковец“, Балетско студио „Балерина“ и Танцов спортски клуб „Денсерс јунајтед“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 234, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 8-9.6.2024)