Мухсин Арифи и негувателот-соработник од Геријатрија одат 30 дена во притвор

Судот денеска го прифати предлогот на Обвинителството за гонење организиран криминал и определи 30 дена притвор на директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и на негувателот од болницата вработен со договор на дело, кои се осомничени за примање 20 илјади евра „капар“ за да хоспитализираат неподвижна 42-годишна пациентка.

„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, за определување мерка притвор против две лица осомничени за Примање поткуп од чл. 375 ст.5 в.в. со ст.2 од КЗ, а поврзани со Специјалната болница за геријатрија во Скопје, донесе решенија со кои: Се прифаќа предлогот на ОЈО ГОКК и на осомничените М.А. и Б.А. им се определува мерка притвор во траење од 30 дена заради постоење на основите од чл. 165 ст.1 т.1, 2 и 3 односно Опасност од бегство, Влијание врз сведоци и Основано сомнение дека може да го повторат делото. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет“ – соопштија попладнево од Кривичниот суд.

Зад барањето поткуп од 20 илјади евра за да биде хоспитализирана 42-годишна неподвижна пациентка на Клиниката за геријатрија, стоел многу посуров уценувачки план кој беше разбиен во координирана акција на МВР и Обвинителството за гонење организиран криминал. Дваесетте илјади евра примен поткуп за хоспитализацијата на неподвижната пациентка всушност биле само „капар“ додека да се „средат“ нејзините имотно правни односи, па крајно баран бил нејзиниот стан, дознава „Слободен печат“. За две лица е побаран притвор, затоа што се осомничени за ова изнудување кое траело со недели. Иако пациентката ги исполнувала сите услови да биде хоспитализирана и иако за тоа имала упат од друга болница, хоспитализацијата не била дозволувана без да се обезбеди нечесниот срамен „профит“. Таа конечно вчера, била испишана од Клиниката за неврологија и пренесена во Геријатрија, а отпосле се случило примањето на парите.

Постојат многу цврсти и уверливи докази дека двете осомничени лица, меѓу кои едното е директорот на Клиниката Мухсин Арифи, заедно со неговиот посредник кој работел со договор на дело како негувател во јавната здравствена установа, со недели работеле на изнудувањето.

Вчера, едниот од нив, поточно негувателот, бил уапсен пред болницата, со 20-те илјади евра во раце. Непосредно пред тоа, пациентката била примена во болничкиот кревет кој ѝ следувал поради тоа што била здравствено осигурана и целосно нејзината здравствена состојба била за хоспитализација додека заткулисно се одвивало изнудувањето.

Според неофицијални информации на „Слободен печат“, еден од начините на кои се правел обидот да се дојде до нејзиниот имот, бил и барањето таа да склучи фиктивен брак со лице, за тоа да го ќари нејзиниот имот, што секако, не било прифатено.

Размерот на овој скандал можеби е поголем, бидејќи со самиот кривично-правен настан се отвора сомнеж дека хоспитализирањето на Геријатрија се одвивало со мито и корупција, врски и против-услуги многу долго време претходно и дека на ваков начин се хоспитализирани многу повеќе луѓе. Според информации на „Слободен печат“, дента кога е приведен посредникот, во болницата имало и инспекција. Наши извори од болницата велат дека месецов не знаат кога ќе примат плата, бидејќи сметката на болницата е блокирана.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело примање поткуп, а другото за помагање во извршување на тоа кривично дело.

Првоосомничениот, директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19 март до 8 април годинава, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши.

Поткупот го побарал од сведок во постапката – давател на доживотна издршка за лице кое боледувало од повеќе состојби и на кое по лекарски препораки и упатување му било потребно болничко згрижување во наведената установа. Кога сведокот се обратил во установата бидејќи состојбата на пациентката се влошувала, била известена дека пациентката е на листа за чекање за прием.

По неколку дена добила повик од второосомничениот, кој и закажал средба со директорот на Установата на 19.03.2025 година во вечерните часови во еден угостителски објект во Скопје.

На средбата, првоосомничениот лично кажал дека знае оти пациентот е материјално добро ситуиран, за што имал податоци и за недвижниот имот кој го поседува, па ветил помош за сместување ако биде награден со 100.000 евра. Жената-сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувал пациентот, што не било опција бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка.

На 03.04.2025 година била реализирана средба меѓу сведокот и помагачот, како лице во кое директорот имал целосна доверба, а на 04.04.2025 година повторно сведокот се сретнал со двајцата осомничени. Конечно било договорено сведокот да даде 20.000 евра како гаранција за да го смести пациентот во болницата, а доколку првоосомничениот „со проверки“ утврди дека пациентот има и дополнителен недвижен имот тој имот да се продаде за да се обезбеди вкупно побараниот износ од 100.000 евра.

Согласно овој договор, на 08.04.2025 година жената-сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на лице место бил фатен од страна на полициските службеници.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот