Тимчо Муцунски / Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Муцунски: За жал и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат

За жал и во 21 век идентитетот е категорија која земји што се нарекуваат европски се обидуваат да ја оспорат, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во врска со вчерашната изјава на еврокомесарката за проширување Марта Кос. Според него, премиерот Христијан Мицкоски вчера бил кристално јасен, дека нашиот идентитет се нашиот јазик, нашата историја и нашата многувековна култура градена низ комплексни, тешки времиња која е најголемото богатство што го имаме како држава.

„За нас нема дилема дека историските личности како Делчев, Груев, Сандански се дел од нашиот идентитет како што се и прекрасните манастири, преубавите џамии. Нашиот идентитет е и соживотот, но и јазикот што го зборувале нашите баби и дедовци, прабаби и прадедовци и апсолутно никој нема право да го оспори тоа, односно да го оспори нашето право да го почитуваме она што е дел од нас како Македонци“ изјави Муцунски по македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје.

Еврокомосерката за проширување Марта Кос вчера на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски порача дека идентитетот не е предмет на политичко одлучување и дека според неа, идентитет се и македонските специјалитети како тавче гравче, пинџур и полнети пиперки. Нејзината изјава предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи.

Мицкоски во репликата на изјавата на Кос посочи дека за него македонскиот идентитет не се само македонските специјалитети туку и Гоце Делчев и Даме Груев и Сандански.

„Македонскиот идентитет не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев и Павел Шатев и Илинденското востание. Нашата држава чекори со отворено срце и разум, но се противиме на уцените што не се дел од европските вредности. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме, сè друго е туѓо за ЕУ и туѓо за нас“ рече Мицкоски.

Идентитетот не е само македонската кујна, туку и Гоце Делчев и Илинденското востание

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот